СО ПАРИ ОД ЕУ ПЕТ ОХРИДСКИ ПЛАЖИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПРИСТАПНА ИНФРАСТРУКТУРА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    СО ПАРИ ОД ЕУ ПЕТ ОХРИДСКИ ПЛАЖИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПРИСТАПНА ИНФРАСТРУКТУРА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТПлажа на грчкиот остров Родос.(Фото:СДК.МК)

    Општина Охрид со 187.000 евра од проектот „Достапна авантура преку границите“, ќе работи на подобрување на пристапноста на плажите, набавка на специјализирано возило и изградба на инклузивно детско игралиште.

    Во рамките на проектот, пет јавни плажи на охридското крајбрежје ќе добијат содржини приспособени за лицата со попреченост, чија цел е развој на попристапен, инклузивен и одржлив туризам во прекуграничниот регион меѓу Македонија и Грција.

    Предвидено е поставување современа урбана опрема, пристапни патеки, соблекувални и санитарни јазли, како и други решенија што ќе им овозможат на лицата со попреченост и намалена подвижност полесен и побезбеден пристап до езерото. Планирани се и посебна просторија опремена со опрема за спасување и набљудувачница за спасителната служба.

    Покрај активностите на плажите, проектот предвидува набавка на специјализирано возило за лицата со попреченост, кое Општина Охрид ќе го стави на располагање и ќе се грижи за неговото одржување. Во комплексот на касарната, каде што се наоѓаат детските игралишта, ќе биде изграден и нов моторички парк, односно инклузивно игралиште за деца со попреченост.

    „Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на пристапноста на охридските плажи, зголемување на бројот на туристи со попреченост, подобри услови за безбедност и рекреација, развој на инклузивен и одржлив туризам, како и зајакнување на туристичката понуда“, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој на Општина Охрид.

    Инклузивното игралиште ќе биде комплементарно со објектот во зградата на касарната, што го користи Здружението на лица со церебрална парализа и со попреченост, со што ќе се создадат дополнителни услови за рекреација и вклучување на децата во активности приспособени на нивните потреби.

    Проектот е дел од програмата Интерег ИПА за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција за периодот 2021–2027 година. Неговата поширока цел е создавање прекугранична рута за пристапен авантуристички туризам, која ќе ги поврзе планинските и езерските туристички дестинации во двете соседни земји.

    Во Охрид неодамна се одржа и првиот координативен состанок во рамките на проектот.

    Димитрис Папас од Христијанското здружението на млади од Солун (Young Men’s Christian Association YMCA)  истакна дека проектот е значаен за продлабочување на прекуграничната соработка и искористување на туристичките потенцијали на пограничните региони.

    „Проектот има за цел создавање прекугранична рута за пристапен авантуристички туризам, која ќе ги поврзе планинските и езерските туристички дестинации во двете соседни земји. Чест ни е што ќе соработуваме со сите партнери во проектот и се надевам дека ќе реализираме успешни проектни активности“, посочи Папас.

    Покрај инфраструктурните зафати, предвидени се и таканаречени меки мерки, меѓу кои се изработка на студии, обуки, менторство, практично учење и размена на искуства за туристичките работници и другите заинтересирани страни. Целта е да се подигне свеста за потребите на лицата со попреченост и да се поттикне развој на туристички услуги што ќе бидат достапни за поширок круг посетители.

    „Нашата улога ќе биде поголемо вклучување и зголемување на свесноста кај сите заинтересирани страни кои ќе бидат вклучени во овој проект, да ги поттикнеме и да организираме различни обуки што ќе се спроведуваат заедно со партнерите. Се надевам и верувам дека преку проектот ќе овозможиме поголемо вклучување на локалните заедници, особено на лицата со посебни потреби, за кои се наменети проектните активности“, кажа Петар Ѓорѓиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.

    Во реализацијата на проектот, со кој се очекува подобрување на условите за престој и рекреација на лицата со попреченост, поголема достапност на туристичките содржини и зајакнување на туристичката понуда во прекуграничниот регион, учествуваат YMCA, Грчката национална туристичка организација, Општина Охрид, Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Скаутската асоцијација „Крсте Јон“ – Струга.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира