„Арсовски-фотографи“ е насловена изложбата која ќе се отвори на 29 октомври во Музејот на Град Скопје, во соработка со Музејот за уметност и занаетчиство од Загреб. Изложбата е посветена на досега непознатото, но исклучително вредно фотографско творештво на семејството Арсовски. Целиот изложбен проект е резултат на истражувањата на двата музеја.
Фотографското и уметничко семејство Арсовски со својата дејност претставува важна врска помеѓу Хрватска и Македонија. Најпознатиот член на семејството е Михајло Арсовски, еден од пионерите на хрватскиот графички дизајн.
Авторскиот тим на изложбата го сочинуваат кураторките Ива Просоли од Музејот за уметност и занаетчиство и Татјана Ѓорѓиевска, Оливера Џартовска-Тачевска и Славица Христова од Музејот на Град Скопје.
„Помалку е познато дека тој потекнува од македонско фотографско семејство, кое во текот на две генерации имало фотографско ателје во центарот на Скопје. Првиот познат член на семејството (зависно од политичките околности во Македонија, членовите на семејството се потпишувале како Поп-Арсов, потоа Поп-Арсиќ, Арсиќ и Арсевиќ) бил Васил Поп-Арсов, фотограф и учител, кој уште на почетокот на 20. век отворил фотографско ателје во центарот на Скопје. Во 1926 го наследиле неговите синови Константин (Коста) и Владимир, кои прво работеле под името ‘Браќа Арсиќ’, а на почетокот на 1930-тите отвориле второ ателје под името ‘Електрофот’. По Втората светска војна, Константин со семејството се преселил во Загреб, каде што отворил фотографска работилница со истото име, која ја водел до 1957 година, додека Владимир заминал во Париз. Преку истражувања на архиви, музеи и приватни оставини, реконструирана е историјата на семејството и неговата значајна улога во развојот на професионалната и аматерската фотографија на македонско тло“, стои во најавата за изложбата.
Фотографиите на Арсовски се одликуваат со исклучителен технички квалитет и документарна вредност. Нивниот опус опфаќа повеќе тематски целини: урбани сцени од старо Скопје, христијански споменици во околината на градот, традиционални обичаи, земјоделски работи, жетва и селски собири.
Во текот на истражувањето се открила и паралелна приказна за турбулентниот политички период, за снаоѓањето на професионалните фотографи во зависност од општествените, економските и политичките околности, како и за состојбите во културата, особено во професионалната и аматерската фотографија во Македонија.
Просоли во едно интервју вели дека сè започнало пред речиси четири години, кога Дејан Кршиќ ја поканил да ги разгледа кутиите со фотографии пронајдени по смртта на Михајло Арсовски.
„Овие фотографии, настанати меѓу двете светски војни, ја откриле приказната за семејство фотографи, чие дејствување било избришано од историјата и го отвориле патот кон едно од највозбудливите истражувања во поновата домашна историја на уметноста“, пишува хрватски „Телеграф“.
Најголемиот број фотографии се во сопственост на семејството, дел се чуваат во Музејот на Град Скопје, додека неколку фотографии се наоѓаат во Македонскиот центар за фотографија.
Со истражувањето на опусот на фотографите од семејството Арсовски, чие творештво до денес беше речиси целосно непознато, е дополнет важен сегмент од историјата на македонската и хрватската фотографија.
Изложбата е придружена и со научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“, објавена во двојазично хрватско-македонско издание. Во неа се застапени текстови од авторките и истражувачките од Хрватска и Македонија, како и предговор од Дејан Кршиќ и поговор од Роберт Јанкулоски.
Гостувањето е резултат на Спогодбата за зајакнување на културната соработка помеѓу Хрватска и Македонија.



