НА ДВА МЕСЕЦA ПРЕД ИСТЕКОТ НА ГОДИНАТА ОПШТИНА ТЕТОВО ПРАВИ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ОТИ УСПЕШНО ГИ НАПЛАТИЛА ТАКСИТЕ И ДАНОЦИТЕ

    НА ДВА МЕСЕЦA ПРЕД ИСТЕКОТ НА ГОДИНАТА ОПШТИНА ТЕТОВО ПРАВИ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ОТИ УСПЕШНО ГИ НАПЛАТИЛА ТАКСИТЕ И ДАНОЦИТЕОпштина Тетово до сега има реализирано 95% од буџетот па затоа мора да има ребаланс за да се распореди вишокот на средствата кои се очекуваат да дојдат до крајот на годината, вели Општината. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Тетово на 20 седница го усвои ребалансот на општинскиот буџет за 2026 година. Беше речено дека ребалансот следи поради успешното работење на Општината, добрата реализација на собирање на општинските даноци и такси.

    „Овој ребаланс на буџетот доаѓа како резултат на добрата и ефикасна реализација на буџетот за 2026 година. Општина Тетово до сега има реализирано 95% од буџетот па затоа мора да има ребаланс за да се распореди вишокот на средствата кои се очекуваат да дојдат до крајот на годината. Општина Тетово има вишок од 1,7 милиони евра средства кои ќе се реализираат до крајот на годината. Еден дел од вишокот доаѓа од данокот на додадена вредност (ДДВ). Поради добрите перформанси за 2026 година ние како Општина добиваме 40 милиони денари како дотации од ДДВ. Еден од критериумите за распределбата на ДДВ-то се добрите перформанси на Општината, односно добрата реализација на буџетот во тековната и за последните 3 години. Исто така има зголемување и на сите приходи кои доаѓаат во Општината како што се: данок на имот, данок на плати, такси и други приходи“, изјави Нуредин Деари, раководител на Секторот за финансии на Општина Тетово.

    На денешната седница Советот ја зголеми давачката за водата за пиење за 2 денари.

    „Одлуката што ја прифати Советот не е одлука на ЈКП ‘Шар’, туку е предложена од Регулаторната комисија, а ние како Совет на Општината треба само да ја имплементираме. Општината, секои три години, треба да донесе бизнис план на ЈКП за трошоците кои ќе ги има претпријатието и врз основа на тие податоци тие ни одредуваат колкава ќе биде цената на водата. Според таа Одлука, во наредните три години цената на водата за домаќинствата во Општина Тетово од 20 денари, колку што беше до сега, во 2027 година ќе изнесува 22.20 денари, во 2028 година 22.40 денари и во 2029 година 22,80 денари. За сите останати корисници метар кубен вода за пиење ќе се наплатува 31,55 денари во 2027 година, 32.5 денари во 2028 година и 32,50 денари во 2029 година“, вели Ваљон Зеќири, директор на „Шар“.

    Според Зеќири, Општина Тетово има една од најниските цени на водата за пиење во државата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира