Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека биле созивршители во две кривични дела Разбојништво од член 237, став 5, во врска со став 1 од Кривичниот законик. Од Обвинителството велат дека со оглед на тоа што жртвите при разбојништвата со умисла биле лишени од живот, истрагата е поведена за тежок облик на кривичното дело, за кој е предвидена казна затвор од најмалку 10 години до доживотен затвор.
Во првиот настан, во раните утрински часови на 22 октомври, тие насилно влегле во куќа во Хром, сопственикот го врзале за рацете и нозете, почнале да го удираат по главата и телото и го задушиле со перница. Потоа пребарувале и претурале низ куќата, од каде одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од 300.000 денари.
Истиот ден во попладневните часови, еден од осомничените ги зел останатите со неговотo возило и ги однел до златарница во Старата скопска чаршија, каде го продале златото за 2.840 евра.
- УАПСЕНИ ЧЕТИРИ ЛИЦА ЗА ДВЕТЕ УБИСТВА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР
- УБИЕНА 76-ГОДИШНА ЖЕНА ВО НЕЈЗИНАТА КУЌА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, ВТОРО УБИСТВО ЗА ПЕТ ДЕНА ВО ОВАА ОПШТИНА
- НАЈДЕН МРТОВ 62-ГОДИШЕН МАЖ СО ТРАГИ ОД НАСИЛСТВО ВО НАСЕЛБАТА ХРОМ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
Ноќта меѓу 26 и 27 октомври, осомничените влегле во куќа во Ѓорче Петров, каде со употреба на физичка сила ја нападнале сопственичката, ја удирале по главата и телото, ѝ ги врзале рацете, нозете и устата и ја внеле во бањата. Жртвата починала од ударите, а тие од куќата одзеле пари, накит и други вредни предмети во вкупна вредност од околу 200.000 денари. На сличен начин како и првиот пат, украдениот златен накит го продале.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица. осомничени.
На 28 октомври уапсени се четири лица за убиствата во Ѓорче Петров: А. С. (22), Х. Е. (20), К. А. (58), сите од Скопје и М. Р. (26) од Струмица. Лицата се во притвор.



