ПОСЛЕ 30 ГОДИНИ РАБОТА РУСЕ АРСОВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД МЛАДИНСКИОТ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР

    ПОСЛЕ 30 ГОДИНИ РАБОТА РУСЕ АРСОВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД МЛАДИНСКИОТ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР„Од водечка регионална културна установа, се сведовме на месен дом на култура“, вели Арсов. (Фото: Архива на МКЦ)

    После 30 години работа оставка поднесе Русе Арсов, продуцент, раководител на драмската програма во Младинскиот културен центар (МКЦ) и извршен директор на Млад отворен театар (МОТ). Арсов објави на социјалните мрежи дека оставката ја поднел на 2 ноември и, како што кажа, „после 30 години решив да се разведам од мојата најголема љубов, МКЦ“. Посебно тешко му паднало што го направил тоа две недели пред МОТ.

    „Можеби и затоа најмногу боли. Непосредно пред почетокот на 51. МОТ. Во последниве години изгубивме многу. Изгубивме надеж, публика, генерации нови деца, идентитет, луѓе, мисла. Од водечка регионална културна установа се сведовме на месен дом на култура. И не, немојте да помислите дека не се боревме. Само сакаме да градиме, да работиме и да правиме поубав град. Баталете друго. Не, не го познаваме јазикот на партиските логики и политиките на ‘заобиколување’ на правото и законите. Еве, признаваме дека тоа не го знаеме. Задоволни со ова? Но, овие луѓе денес не бараат многу. Бараат само да покажат што знаат и што можат. Јас решив пред некој ден повеќе да не бидам дел од нивната приказна. ​Вчера на масата им се придружи и нивниот нов колега, а тие беа повторно старите, повторно среќни и оптимистични. ​Како брзо да го прифатија. Како последните години никогаш да не постоеле. ​Да се повлечеме другите и да ги оставиме да уживаат“, стои, меѓу другото, во објавата на Арсов.

    Арсов во периодот од 2018 до декември 2021 беше директор на МКЦ.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК објави повеќе текстови изминативе години за проблемите во МКЦ. На 20 октомври објавивме дека МКЦ нема парно греење, ниту тоалети за публиката. Грејната сезона во земјава почна на 15 октомври, но во МКЦ не може да почне поради хаварија на системот за греење. За повторно да се воспостави функционирањето на инсталацијата, потребна е замена на вентил во вредност од 300.000 денари, средства што, според информациите од вработените, институцијата не може да ги обезбеди.

    Значително е намалена и програмата во МКЦ, па оваа година се одржаа само неколку концерти и фестивалот Здраво млади. Периодов таму тече програмата на 26. Скопје филм фестивал, но публиката коментира дека е многу студено и седи на настаните во јакни.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира