ЗА НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ ВЛАСТИТЕ ЌЕ СЕ СЛИКААТ ВО ПОРТОКАЛОВО ЗА РОДОВ АКТИВИЗАМ, А БРОЈОТ НА УБИЕНИ ЖЕНИ РАСТЕ, РЕКОА НА ПРОТЕСТНИОТ МАРШ ВО СКОПЈЕ

    ЗА НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ ВЛАСТИТЕ ЌЕ СЕ СЛИКААТ ВО ПОРТОКАЛОВО ЗА РОДОВ АКТИВИЗАМ, А БРОЈОТ НА УБИЕНИ ЖЕНИ РАСТЕ, РЕКОА НА ПРОТЕСТНИОТ МАРШ ВО СКОПЈЕ„Ова не се нови барања, истите барања ги повторуваме со години. Истите предупредувања, истите докази, истите институции, а списокот на убиени жени расте“, рекоа учесничките на маршот. (Фото: СДК.МК)

    „Не ја родив и чував за некој да ја претепа и запали жива“, „А насилниците под чиј надзор се?“, беа дел од транспарентите на денешниот протестен марш низ Скопје против фемицидот и насилството врз жените, организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“. Повод беше убиството на 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци, но и податоците дека во Македонија годинава се случиjа седум фемициди.

    „За неколку недели започнува 16-дневен активизам против родово засновано насилство, 16 дена во кои ќе гледаме министри, градоначалници и функционери со портокалови ленти. Ќе слушаме за нулта толеранција, ќе ни кажуваат дека за насилството нема место во нашето општество и некој повторно ќе организира конференција за тоа колку е важно жените да пријавуваат. Ги учиме жените да бидат внимателни како се облекуваат, каде се движат, со кого се дружат и во кого се заљубуваат. Исто така, ги учиме како и каде да пријават, им нудиме поддршка како да раскинат токсична врска или да побараат помош. И што? Билјана пријавила, Росица пријавувала. Што уште треба да направат жените? Да чекаат насилникот да им даде писмена потврда дека ќе ги убие? До кога ќе ја префрламе одговорноста врз жените да се заштитат“, рече Елена Петрова, една од учесничките на маршот.

    Иницијативата „Ниту една повеќе!“ побар од институциите итно поднесување и усвојување на законските измени за заштита од насилство, како и разрешување од јавни функции оние кои што толерираат неконтрола врз жените, оправдуваат насилството или го нормализираат нивното потчинување.

    Повод за маршот беше убиството на 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци, но и податоците дека во Македонија годинава се случиjа 7 фемициди. (Фото: СДК.МК)

    „Вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието. Не може да водиме борба против родово базирано насилство додека политички ја поткопуваме самата основа за негово препознавање. ​Ова не се нови барања, истите барања ги повторуваме со години. Истите предупредувања, истите докази, истите институции, а списокот на убиени жени расте. И затоа денеска имаме да ви кажеме дека се надеваме оти овојпат ќе нѐ слушнете“, рече Петрова.

    Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова вчера соопшти дека на барање на граѓаните е покрената петиција со која се бара воведување електронска нараквица за следење на сторителите на семејно насилство, Во петицијата стои дека се бараат 10.000 потписи за референдум за итно воведување на електронска нараквица, која ќе ја предупреди жртвата и ќе ги алармира надлежните кога насилникот е поблиску од законски утврденото растојание.

    ЛДП во рок од една година двапати поднесе предлог за измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и двапати беше одбиен од собраниското мнозинство. Првиот пат беше одбиен со образложение дека се потребни подетални анализи. Во март годинава, пратеничкото мнозинство го одби предлогот на Зајкова за воведување електронска нараквица за сторители на семејно насилство. Од 97 регистрирани пратеници, само 27 гласаа „за“, со што предлогот не беше прифатен.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира