Велешката фабрика за масло за јадење „Кристал 1923“ откупи 6.600 тони сончоглед, од тоа 4.100 од Македонија, 1.100 тони од Србија, 800 тони од Косово и за првпат во повеќедецениското постоење, 600 тони од Грција. Откупената количина е помала од ланската, кога беа преработени 7,3 илјади тони.
„Целокупниот род од Македонија годинава заврши во фабриката, иако претходните години дел се продаваше во Грција. Годинава за првпат откупивме сончоглед од кај нив. Ова количество е доволно за производство за два и пол до три месеци. Ние сме единствената фабрика за масло за јадење во Македонија која го преработува сончогледот. Пред 40-ина години фабриката откупувала 40.000 тони сончоглед и го преработувала 12 месеци“, вели Олгица Стојанова, директорка за производство во велешка „Маслодајна“.
Три години по покачувањето на ДДВ на сончогледот на 10 отсто, тоа не е намалено, и покрај реакциите на фабриката. Тоа штетно влијае и врз одгледувачите на оваа индустриска култура и врз работата на единствениот производител на масло за јадење преработено од сончоглед. За разлика од тоа, ДДВ-то на суровото масло, кое се увезува, е само пет отсто. За раководството, тоа е нелогична економска одлука на претходната влада, која сегашнава не ја коригира, па домашното производство има поголем ДДВ од увезеното.
Намалениот откуп создава проблем во работењето.
„Имаме проблем со екстракцијата бидејќи вработените се ангажирани само три месеци. Тоа е специфична работа со хексан, не може секој да ја работи, треба обука од 2-3 години и ако продолжи намалувањето на откупот на сончогледот, повеќе ќе ни се исплати да купуваме нерафинирано масло и да го преработуваме како останатите фабрики во земјава. Ако го отфрлиме сончогледот и повеќе не го преработуваме, тешко дека ќе се врати во македонските полиња. Ќе ја доживее судбината на памукот и шеќерната репка“, вели Горан Лазов, директор на „Кристал 1923“.
Земјоделците го засадуваат сончогледот како плодоред. Тоа е наизменично засејување на исти површини со разни земјоделски култури заради подобар, повисок принос.
Агрономите велат дека за плодоред може да послужи и маслодајната репка, која скоро и да не се одгледува во Македонија, иако од неа се добива квалитетно масло за јадење. Земјоделците со актуелната аграрна политика кон сончогледот не гледаат потреба да ја засадуваат оваа индустриска култура.
„Субвенциите ги намалија од 200 евра по хектар на 100 евра, а премијата за предаден сончоглед од пет денари за килограм ја укинаа. Единствено ‘Маслодајна‘ ги исплатува сите обврски навреме. Родот годинава зависи од регионот, некаде беше добар, по тон и пол од хектар, некаде лош, 800 килограми од хектар. Нема правило, зависи од почвата и временските услови“, кажа Митат Исмаиловски, земјоделец од Пелагонија.
И земјоделиците и раководството на „Маслодајна“ очекуваат државата и Министерството за земјоделство да постават стратегија за развој на оваа гранка, за да не се случува увозот да биде се поголем, наспроти домашното произвдство, за кое се издвојуваат сериозни средства преку субвенции.
П. ПЕЧКОВ



