Основниот суд во Охрид му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот Кристијан Корабоски, осомничен дека физички ја нападнал својата 26-годишна партнерка Сара Ѓорѓиеска, при што сторил повеќе кривични дела. Против него се води постапка за делата Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста.
Според Обвинителството, осомничениот при вршење семејно насилство, противправно ја затворил партнерката, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
По пријавувањето на настанот, јавниот обвинител презел повеќе дејствија за расчистување на случајот. Оштетената била испитана во присуство на претставници на социјалните служби, а било наредено и извршено медицинско вештачење за утврдување на видот и карактерот на повредите.
Од Основното јавно обвинителство ( ОЈО) Охрид посочуваат дека осомничениот бил обезбеден во текот на постапката, а по прибирањето на доказите, обвинителството до Основниот суд во Охрид поднело обвинение за трите кривични дела и предложило определување мерка притвор.
Притворот е определен со цел да се обезбеди непречено водење на кривичната постапка.
Тепачот на девојката во Охрид вчера беше лишен од слобода. Претходно Основниот суд во Охрид, а по барање на ОЈО, донесе решение и му изрече мерки на претпазливост.
С. ВРЕНЦОВСКА



