ДЕПОНИЈАТА „БУКОВО“ СЕ ЗАТВОРА, РЕГИОНАЛНИОТ СИСТЕМ ЗА ОТПАД ЦЕЛОСНО ВО ФУНКЦИЈА ДО 2030

ДЕПОНИЈАТА „БУКОВО“ СЕ ЗАТВОРА, РЕГИОНАЛНИОТ СИСТЕМ ЗА ОТПАД ЦЕЛОСНО ВО ФУНКЦИЈА ДО 2030Регионалниот план за управување со отпад предвидува воспоставување интегриран систем за сите 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион (Фото: СДК.МК)

Завршена е постапката за избор на проектант за изработка на техничката документација за затворање на нестандардната депонија „Буково“, а паралелно се подготвува документацијата за претоварната станица во Мауцкер и се планира изградба на собирен центар на улицата Железничка во Охрид. Претоварните станици и Регионалниот центар за управување со отпад во Новаци се очекува да бидат целосно функционални во 2030 година.

Според секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, се очекува проектот да биде завршен во текот на следната година.

„Проектната документација за ‘Буково‘ ќе ни ги даде насоките како во поглед на финансиската конструкција потребна за затворање на депонијата, така и за фазите и временскиот период во кој ќе биде затворена“, вели Китески.

За претоварната станица е предложена локација во областа Мауцкер, а изработката на проектната документација е во надлежност на Министерството за животна средина и Агенцијата за планирање на просторот. По завршувањето на проектот и започнувањето на постапката за одобрение за изградба, Општина Охрид ќе постапува во рамки на своите надлежности.

Во меѓувреме, веќе е определена локација и за собирен центар на улицата Железничка, кај ЈП „Нискоградба“. Земјиштето е експроприрано, а во предлог-буџетот за следната година се предвидени средства за измена на урбанистичкиот план.

„Со оглед на тоа што веќе ја имаме локацијата, во предлог-буџетот што ќе го носиме во декември предвидени се средства и за промена на урбанистичкиот план. Постапката треба да започне следната година, за на таа локација да имаме собирен центар“, посочува Китески.

Регионалниот план за управување со отпад предвидува воспоставување интегриран систем за сите 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион. Системот ќе вклучува регионален центар во Новаци, претоварни станици и општински собирни центри, со подобрена селекција, собирање и транспорт на отпадот. Планот предвидува и затворање на 16 нестандардни депонии и диви ѓубришта, како и зајакнување на капацитетите на комуналните претпријатија и институциите.

Вкупната финансиска рамка е проценета на 45,5 милиони евра, од кои досега се обезбедени повеќе од 30 милиони евра. Според Емил Ангелов, раководител на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, преостанатиот финансиски јаз се движи меѓу 14 и 20 милиони евра, во зависност од обемот на активностите.

„Очекуваме и претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да бидат функционални во текот на 2030 година. Она што останува е да се зајакнат капацитетите на комуналните претпријатија и нивниот начин на работење да се усогласи со барањата на новиот систем“, вели Ангелов.

Регионалниот систем треба да донесе поефикасни комунални услуги, намалување на отпадот што завршува на нестандардни депонии и почиста животна средина. Значаен дел од системот е и активното учество на граѓаните, особено во селекцијата и правилното одлагање на отпадот.

Во реализацијата на процесот учествува и „SALAR International“, преку која се пренесуваат шведски искуства и практики за подобро и одржливо управување со отпадот.

С. ВРЕНЦОВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира