НАЈСТАРАТА ЛИЧНОСТ ВО ДАНСКА РАЗОТКРИЕНА КАКО НЕКОГАШНА ЛОКАЛНА НАЦИСТИЧКА ЛИДЕРКА

НАЈСТАРАТА ЛИЧНОСТ ВО ДАНСКА РАЗОТКРИЕНА КАКО НЕКОГАШНА ЛОКАЛНА НАЦИСТИЧКА ЛИДЕРКАКирстен Швалбе се приклучила на Националсоцијалистичката партија во 1941, а до август 1943 станала лидерка на локалниот огранок (Фото: Икс)

Најстарата личност во Данска беше предмет на книга и реално шоу, но издавачката куќа „Гилдендал“ вчера соопшти дека нејзината биографија се повлекува од продажба откако се дозна дека таа била локална нацистичка лидерка. Книгата за животот на Кирстен Швалбе беше објавена на почетокот на октомври, но данските медиуми открија дека таа не го спомнала своето членство во данската нацистичка партија.

„Не можеме да стоиме зад едно документарно дело во кое клучен дел од животот на главниот лик не е прикажан верно“, изјави Мете Корсгард, директорка во „Гилдендал“.

Швалбе (112) потврди дека била членка на данската нацистичка партија, но изјави дека на тоа ја поттикнал нејзиниот сопруг, притоа отфрлајќи го тврдењето дека давала каква било активна поддршка. Сепак, претходно оваа недела, еден дански весник откри дека таа извршувала две раководни функции во локалниот огранок на партијата, во времето кога Данска била окупирана од нацистичка Германија во Втората светска војна.

Според весникот „Телеграф“, Швалбе се приклучила кон Данската националсоцијалистичка работничка партија во 1941 година, а до август 1943 напредувала во хиерархијата и станала лидерка на локалниот огранок. На таа функција останала до јули 1944. Таа, исто така, била лидерка на локалната женска група.

Родена на 10 март 1914, Швалбе на 14 октомври стана најстарата жива личност во историјата на Данска, на возраст од 112 години и 218 дена.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира