Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола почна постапка за воведување европска диплома, со која дипломираните студенти би можеле да се стекнат со квалификација признаена во земјите-учеснички, без дополнителна нострификација. Ваквата поволност, како следен чекор од членството на УКЛО во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, ја најави ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, на панел-дискусијата „Кога академската соработка станува јавен интерес“.
Панелот, на кој учествуваа професори и студенти од Битолскиот универзитет, беше во организација на редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК, во соработка со УКЛО.
„Убеден сум дека студентите на УКЛО ќе добијат европска диплома пред Македонија да стане членка на ЕУ. И сега студентите имаат европско образование. Патуваат во странство, слушаат модули и предмети, можат и да полагаат во странство, а тие испити потоа им се признаваат како да ги положиле на нашиот универзитет. Но, дипломите потоа ги нострифицираат. Европската диплома што ја започнавме значи издавање диплома за која нема да треба нострификација“, рече Неделковски.
Тој посочи дека Европската комисија во април 2025 година најавила почеток на постапка за воспоставување европска диплома, додавајќи дека УКЛО е меѓу првите три универзитети од алијансата КОЛОРС што се одважиле на овој чекор. Не станува збор за двојна диплома, при што секоја институција издава сопствен документ, туку за заедничка, потпишана од двајца ректори, со еднаква важност во државите што ја признаваат.
„Во декември 2025 потпишавме протокол за заедничка диплома за студиска програма на Економскиот факултет во Прилеп со универзитетите во Ферара, Италија, и Вентспилс, Летонија. Следниот чекор е акредитација на заедничката студиска програма, по што се добива беџ за европски степен на образование. Станува збор за магистерски студии на англиски јазик што ќе се реализираат во трите држави. Потоа следува апликацијата за европска диплома. Се очекува Европската комисија да почне да ги прима првите апликации во 2029 година“, рече Неделковски.

Не станува збор за двојна диплома, при што секоја институција издава сопствен документ, туку за заедничка, потпишана од двајца ректори, со еднаква важност во државите што ја признаваат. (Фото: СДК.МК)
УКЛО стана рамноправна членка на алијансата КОЛОРС во 2024 година. Во неа членуваат универзитети од девет држави, Македонија, Германија, Франција, Италија, Полска, Шпанија, Шведска, Хрватска и Летонија. Преку алијансата досега се реализирани повеќе од 200 активности за студентите, меѓу кои студентски размени, летни школи, меѓународни програми, заеднички проекти, хакатони, работилници и натпревари. Студентите имаат можност да учат со колеги од другите универзитети, да им се признаваат студиските кредити и да стекнуваат дополнителни квалификации, а можат да добиваат и менторство од странски професори.
„Знаењата ги применуваме надвор од нашата комфорна зона. Преку УКЛО КОЛОРС имав можност во студентскиот град Кристијанштад во Шведска да работам на темата трудово право, во рамките на интензивна програма посветена на индустриските односи во компаниите, зелената и дигиталната транзиција. Таму не научивме само како практично да работиме, туку и како да ги искажуваме нашите ставови без тие да бидат дискриминирани или погрешно разбрани. Во Осиек, Хрватска, научив не само како функционира дипломатијата, туку и како да ги искажуваме ставовите преку говорот“, рече Ивона Стерјовска, студентка на Правниот факултет во Битола.
„Имаме добро организиран систем, дашборд, односно семафор, во кој се внесени сите активности и до кој пристап имаме сите студенти. Имаме и гугл чет за директна комуникација со менторите и професорите, кои ни помагаат и ни одговараат на конкретни прашања. Сето тоа се евидентира и потоа се вреднува. Мислам дека се прифаќа секоја студентска иницијатива“, рече Василевска.

Панелот беше во организација на редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК, во соработка со УКЛО, со учество на професори и студенти. (Фото: СДК.МК)
На УКЛО бележат и раст на бројот на запишани студенти. Во 2024 година бројот на бруцоши бил зголемен за 12 отсто во однос на претходната година, а во 2026 година е забележан дополнителен раст од 11 отсто во првиот циклус студии и 35 отсто кај магистерските и специјалистичките студии. Ова се случува во услови на иселување и намалување на бројот на матуранти.
„Европското образование е застапено во сите три циклуси на студии, а не само во првиот. Студентите од вториот циклус, како и докторантите, имаат можности за истражувања и менторство од професори од деветте универзитети, кои работат во исти или сродни области. Придобивките се големи и за студентите и за професорите, а допрва ќе се чувствуваат“, рече Јасмина Буневска-Талевска, раководителка на УКЛО КОЛОРС.
Една од целите на алијансата е младите да добијат повеќе можности за квалитетно образование во Битола, без да мораат да заминат во странство. Преку соработката со европските универзитети, студентите можат да стекнуваат знаења, да учествуваат во истражувања и да воспоставуваат контакти со колеги и професори од странство.
Проектот трае четири години, до 2028 година, а се очекува соработката да продолжи и по неговото завршување.
„Основната мисија на проектите е да обезбедат одржливост. Еден проект може да заврши перфектно, но кога ќе завршат активностите, често се случува да не остане ништо од соработката. Европа го цени токму спротивното. Одржливоста е многу значајна, а КОЛОРС е важен затоа што по пет, шест или седум години партнерствата треба не само да останат, туку и да се надградуваат“, рече Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, почесна конзулка на Франција во Македонија и поранешна раководителка на Секторот за настава, наука и меѓународна соработка при УКЛО.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



