„МЕРЦЕДЕС“ ЌЕ ГО ПРОДАДЕ РЕТКИОТ СПОРТСКИ АВТОМОБИЛ „Ц111“ КОЈ 20 ГОДИНИ Е ВО МУЗЕЈ

„МЕРЦЕДЕС“ ЌЕ ГО ПРОДАДЕ РЕТКИОТ СПОРТСКИ АВТОМОБИЛ „Ц111“ КОЈ 20 ГОДИНИ Е ВО МУЗЕЈЈарко портокаловиот „Ц111“ изработен во август 1970, од 2006 е во Музејот на „Мерцедес-Бенц“, а во февруари 2027 ќе биде понуден на продажба преку аукциската куќа „Сотби“ во Париз и се очекува да достигне цена од 25 милиони евра. (Фото: ДПА)

Купувачите кои имаат на располагање многу милиони долари наскоро ќе можат да дојдат до еден од најексклузивните спортски автомобили некогаш изработени. Спортскиот автомобил „мерцедес Ц111“ со ротационен мотор ќе биде понуден на аукција во Париз следната година, како прв примерок што некогаш се појавил на пазарот.

„Мерцедес“ планира да стави на аукција еден од своите прочуени концептни автомобили со ротационен мотор и централно поставен агрегат – модел што постарите генерации веројатно го паметат само како детска играчка, бидејќи вистинскиот автомобил бил недостапен. Прототипот „Ц111“ никогаш не влезе во сериско производство; произведени се само 17 примероци, од кои 13 се во сопственост на „Мерцедес“. Овој двосед, замислен како наследник на легендарниот модел со „крила од галеб“ (галвинг), дебитираше на Саемот за автомобили во Франкфурт во 1969 година.

Јарко портокаловиот „Ц111“, кој сега се појавува на пазарот, од 2006 се наоѓа во Музејот на „Мерцедес-Бенц“, а во февруари 2027 ќе биде понуден на продажба преку аукциската куќа „Сотби“ во Париз. Се очекува да достигне вртоглава цена од 25 милиони евра. Во меѓувреме, „Мерцедес“ ветидека во следните најмалку 25 години нема да бидат продадени други примероци од моделот „Ц111“.

Автомобилот е опремен со Ванкелов (Wankel) мотор со четири ротори, означен како M 950, кој развива 350 коњски сили и е развиен од „Мерцедес-Бенц“. Поседува и петстепен менувач од типот „трансаксл“ на компанијата „ЗФ“.

Примерокот што се продава е „Ц111-II“, изработен во август 1970. Автомобилот нема поминато голема километража – бројачот покажува 24.766 км – иако, секако, времето си го направило своето. Оригиналните бандажи од легура на магнезиум се вклучени во продажбата, но со напомена дека „се погодни исклучиво за изложување“.

Возилото беше реставрирано во 2024, како подготовка за неговото појавување на изложбата за класични автомобили во Пебл Бич во Калифорнија. Во 1970-тите години, компанијата за играчки „Мечбокс“ произведуваше модел на „Ц111“ во размер 1:43. За многу љубители на спортски автомобили, играњето со таа минијатура на тепих во детството останува најблиското искуство што некогаш го имале со овој модел.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира