Филмот „17“ на Косара Митиќ победи на 37. Филмски фестивал во Љубљана, Словенија, што заврши вчера. Дебито на Митиќ ја освои главната награда на жирито „Кингфишер“ за најдобар филм, а ја доби наградата на жирито на Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ.
Ова е четврти македонски филм што ја добива оваа значајна награда на ФИПРЕСЦИ за 35 години самостојна Македонија – првиот беше „Пред дождот“ на Милчо Манчевски на фестивалот во Венеција 1994, вториот „Џган“ на Вардан Тозија во 2016 во Приштина, а третиот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска годинава на фестивалот во Краков. ФИПРЕСЦИ, еднa од најстарите професионални асоцијации во светот што обединува здруженија на филмски критичари од 90 земји на сите континенти и годинава слави 101 година, има свои меѓународни жирија на стотина фестивали во светот, кои доделуваат награда што е меѓу официјалните фестивалски признанија.
„17“ имаше светска премиера на Берлинале 2026 во селекцијата Перспективи, доби номинација за Европско откритие – При ФИПРЕСЦИ за Европските филмски награди 2027 која ќе се додели на 15 јануари 2027 во Атина, и е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм.
По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, во „17″ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
„17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021. Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.



