МИРНА!

(Кон „17“ на Косара Митиќ, играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Даме Јовески, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Сашко Коцев и Оливер Митковски)

    МИРНА!Ева Костиќ во сцена од „17“. (Фото: „Црна мачка продукција“)

    „17“ на Косара Митиќ, жесток филм за нормализирањето на сексуалното насилство и отровната мажевност, на посрамувањето на жртвата и малограѓанската манипулативност и несолидарност, и најстрашно – на молкот за сето тоа – е едно од најдобрите дебија во последнава деценија во македонската кинематографија. Фокусот е на културата во која силуваната жртва треба да се срами оти „курва, сама си го барала“, а маминиот син силувач е славен како „ебач на тато“ и никако не може да е кабает оти „курвата сама си го барала“. Митиќ со филмот го покажува ова баш така, директно, со вистинските зборови, без ѕвездички, и без криење зад љубезни еуфемизми и релативизирачки флоскули. Не како шамар ами како тупаница в лице, да заболи, да освести, да оттргне од оваа ужасна колективна аномија.

    Филмот е директен поглед, без исчудување за животниот стил на тинејџерите (секс, дрога и повеќе насилство отколку рокенрол), нема судење и попување. Митиќ знае за што зборува, а пред сѐ има љубов и разбирање за своите главни ликови и нивните нежни години, полни со збунетост, себебарање, неснаоѓање во друштвото кое не е благонаклоно, а често е и сурово.

    Филмот отвора со една од највпечатливите почетни сцени во македонската кинематографија – весела тинејџерска љубовна тројка преминува во брутално силување на 17-годишната Сара (ја игра Ева Костиќ). Снимена со крупен план на лицата на протагонистите, злокобниот пресврт се случува низ звукот на командите „мирна, мирна!“ на силувачот додека девојчето се бори за здив. Тука почнува страотната интимна страдалничка драма на Сара, која кулминира месеци подоцна на дводневната средношколска екскурзија за Грција со преспивање во Битола, кога жртва на врсничко силување ќе биде и сокласничката Лина (Мартина Даниловска).

    Заробена сосем сама во својата ужасна тајна како во непробојна тврдина, Сара во тие два дена минати во хотелската соба и автобусот на пат кон грчката граница ќе порасне на најтешкиот начин, преку лична загуба, но и прифаќање одговорност за тоа. Поврзани со иста траума, Сара и Лина ќе се спојат во силно другарство кое ќе биде светилник за секоја од нив. Нивната куса, но како менгеме цврста прегратка на крајот на филмот, гушкање што зрачи со поддршка и разбирање, е можеби единствениот зрак светлина и оптимизам во оваа длабоко трагична приказна.

    Стожерот на таа интимност на драмата е играта на дебитантката Ева Костиќ, извонредно талентирана актерка која ја игра Сара како расклокотен вулкан и ја дозира ерупцијата со застрашувачка прецизност. Со неверојатна леснотија Костиќ ги канализира противречните чувства и расположенија на Сара, од емотивна пострауматска тапост, лутина, детска милост и наивност, тинејџерска кокетност до шок од болка и страдање. Лина на Мартина Даниловска, пак, е нејзин контрапункт – ведра и мила и бескрајно наивна, таа успева да ѝ стане несебична потпора во неволја на Сара и покрај својата траума.

    Впечатлива улога создава и младиот актер Даме Јовески, кој ликот на школскиот насилник-силувач Филип го игра со одличен микс на социопатски шарм и заканувачка напаст.

    Одлична е одлуката на Митиќ да ја снима Сара речиси постојано во крупен план, главно од профил, а средношколскиот ансамбл во клаустрофобичните амбиенти на автобусот и хотелот главно во среден и средно крупен план. Камерата на Наум Доксевски функционира како суптилна метанарација и екстернализација на траумата на Сара – свевиден автономен протагонист кој будно и задишано ја следи неа во секоја ситуација, а секојпат како претпазливо да испитува и можни излези од тој клаустрофобичен, небезбеден простор.

    Навистина, сценариото на Митиќ и Огњен Свиличиќ има доста шлајфување во текот на приказната и само ја скицира динамиката на односите во толпата средношколци – од една страна расквакани тинејџери, поделени на „популарни“ аздисани насилни фараерчиња и манипулативни кучки и на срамежливи смотани бубалици, а од друга страна две колку неавторитетни толку и незаинтересирани наставнички (Ана Стојановска и Жаклина Стефковска чија игра е како комична оддишка). Но, пресвртите се драматични и возбудливи и го продлабочуваат фокусот врз Сара.

    Последниот пола саат од филмот е мал мастерклас за креирање атмосфера на исчекување, се гради полека, емоцијата се дава во мали дози за на крај да надојде како буица и да те преплави и разнесе.

    „17“ имаше светска премиера на Берлинале 2026 во селекцијата Перспективи, доби номинација за Европско откритие – При ФИПРЕСЦИ за Европските филмски награди 2027 и е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм. Од 6 ноември игра во кино во Скопје.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира