Климатските преговори на ОН пропаднаа, откако денеска Европската Унија (ЕУ) и други земји го отфрлија финалниот нацрт-договор предложен од претседавачите со Конференцијата за климатски промени – КОП31 Турција и Австралија, со образложение дека е премногу слаб за да придонесе во борбата против глобалното затоплување. Неуспехот на преговорите ја одразува тешкотијата со која се соочуваат владите ширум светот оваа година во обидот да преземат амбициозни чекори за справување со сè посериозните последици од климатските промени, додека војните, економските притисоци и други кризи го одвлекуваат нивното внимание.
По повеќе од две недели преговори, кои се одолговлекоа дополнителни два дена – со што оваа конференција КОП е најдолга досега – турскиот претседавач со конференцијата, Мурат Курум, на завршната пленарна седница изјави дека е јасно оти нема договор и потврди дека нема да понуди никаков нов текст.
„Не може ништо повеќе да се направи, сторивме сè што беше во наша моќ“, рече тој. „Отсега па натаму, ќе нема нов текст“.
Подоцна, тој ја напушти говорницата додека претставници на различни земји сè уште држеа говори.
Австралискиот претседавач со преговорите на КОП31, Крис Боуен, го нарече исходот „многу разочарувачки“ и посочи дека несогласувањата околу фосилните горива и климатското финансирање биле клучните причини за пропаѓањето на договорот. Последниот пат кога климатските преговори на ОН завршија без договор прифатен од сите страни беше во Копенхаген, во 2009 година.
Ирскиот министер за животна средина, Дара О’Брајан, изјави дека Европската Унија не може да го поддржи предложениот договор, делумно затоа што во него воопшто не се спомнуваат фосилните горива, за кои научниците тврдат дека се главниот двигател на глобалното затоплување.
„Недозволиво е да имаме климатски документ во кој нема ниту спомнување на фосилните горива, ниту пак на транзицијата кон напуштање на фосилните горива“, рече тој.
Според набљудувачите на самитот, Саудиска Арабија и други големи земји производителки на нафта силно лобирале за да се избегне какво било спомнување на фосилните горива во текстот.
Панама, исто така, изјави дека не може да го поддржи текстот, бидејќи тој не соодветствува со сериозноста и итноста на климатската криза.
Овогодишната конференција КОП е прва откако телото на ОН за животна средина во октомври потврди дека порастот на глобалната температура ќе го надмине прагот од 1,5 степени Целзиусови – граница за која земјите се договорија на климатските преговори во Париз пред повеќе од една деценија дека ќе се обидат да не ја надминат, а по која влијанијата на екстремните временски услови стануваат уште поинтензивни.



