Министерот за образование на Јужна Кореја, Чои Кјо-џин, поднесе оставка поради скандал со препишување на испит, кој ја шокираше земјата. Тој изјави дека презема целосна одговорност за збунетоста предизвикана од мерките воведени во последен момент, чија цел беше да се спречи препишувањето со помош на вештачка интелигенција за време на годишниот приемен испит за факултет, познат како „Сунеунг“, кој се одржа на 19 ноември.
Пред една недела, кандидатот со најдобар резултат на националниот испит за даночно сметководство призна дека користел мини-камера, мобилен телефон и алатки базирани на вештачка интелигенција. Ова ги натера надлежните итно да реагираат за откривање на скриени уреди, при што испратија и итни предупредувања на секој мобилен телефон во земјата. Испитот „Сунеунг“ трае до девет часа и игра клучна улога во кариерниот пат на милиони Јужнокорејци.
„Како надлежен министер, сметам дека не можам да ги избегнам критиките дека не успеавме навреме да се подготвиме“, изјави денеска Чои. „Сега, откако испитот заврши, чувствувам длабока одговорност и ја поднесувам својата оставка“, рече министерот.
Претседателот на Јужна Кореја, Ли Џае Мјунг, кој се залага за целосна реформа на сегашниот испитен систем, подоцна ја прифати оставката на Чои.
Министерството за образование претходно соопшти дека кај 111 кандидати биле пронајдени неовластени паметни уреди за време на овогодинешниот „Сунеунг“, на кој полагаа околу 500.000 ученици. Загриженоста поради нечесното однесување за време на овој исклучително конкурентен испит растеше во последните недели, откако се појавија информации дека некои кандидати препишувале со помош на уреди засновани на вештачка интелигенција. Ситуацијата кулминираше минатиот викенд, кога Хан Вон-сеок, кандидатот со најдобар резултат на испитот за даночно сметководство во април, призна дека препишувал.
Неговото признание дојде во време на шпекулации за неговиот невообичаено висок резултат – имал само еден погрешен одговор од вкупно 160 прашања.
„Користев микрокамера за да ги фотографирам прашањата од тестот и ги испратив до вештачка интелигенција, а потоа ги проверував одговорите на мојот паметен телефон за да извршам измама“, изјави 34-годишникот во видеопорака.
Ова ги натера властите да воведат итни мерки, само неколку дена пред испитот „Сунеунг“. Меѓу мерките беше и испраќање итни известувања на национално ниво на денот на испитот.
На 19 нември, помеѓу 08:00 и 15:00 часот по локално време, беа испратени три известувања, поради што телефоните низ целата земја истовремено почнаа да испуштаат гласни звуци – дури и ако биле поставени на тивок режим, па дури и ако им припаѓале на туристи кои користеле роаминг. Телефоните не заѕвонија само ако биле целосно исклучени или поставени во „авионски режим“. Ова беше првпат Јужна Кореја да го искористи својот национален систем за предупредување при катастрофи за откривање измами на испити.
Од кандидатите исто така се бараше да ги покријат копчињата на кошулите и јакните за да се оневозможи употребата на скриени камери, а властите вршеа и проверки на очилата. Сето ова предизвика параноја дури и кај оние кандидати кои полагаа чесно.



