Згрижени се десетина кучиња домашни миленици чиј сопственик ненадејно починал, по што тие неколку дена останале сами во куќата во која живеел. Велешките ветеринарни инспектори учествувале во акцијата за спасување на десетте кучиња кои биле во домот на велешанецот Ѓоре Станков (62), кој починал неодамна. Тој живеел во близина на Којник, а по повик од соседи, Агенцијата за храна и ветеринарство преку своите инспектори излегла на терен.
Станков живеел сам, немал блиски роднини, а починал вечерта на 16 ноември во автомобил во центарот на градот. Кучињата биле спасени на 19 ноември претпладне.
„По добиена дојава од граѓанин дека починал граѓанин на Велес, кој чувал повеќе кучиња во својот дом, и по издаден налог од Општина Велес за заловување на животните, официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со заловувачи од Регионалниот центар за згрижување на бездомни животни и ветеринарно здравство во Општина Кавадарци, ‘Шепа’, учествуваше во акцијата за заловување. Во домот на починатото лице беа најдени и заловени 10 кучиња, кои не биле идентификувани со микрочип. Кучињата не покажале агресивност при заловувањето. Две од нив веднаш биле вдомени, а останатите се сместени во прифатилиштето ‘Шепа’, каде што ќе бидат стерилизирани, идентификувани со микрочип и ќе им биде обезбедена потребната ветеринарна заштита“, соопшти Велика Атанасова, портпаролка на АХВ.
Против починатото лице, кое до понеделникот се грижело за кучињата, немало поднесено претставки за неодговорно чување. Тој одговорно се однесувал кон своите миленици.
„На ден 19.11.2026 година, на улицата Ѓеорги Димитров бр. 37, заловени се осум полово зрели кучиња и две мали кучиња, стари околу два до три месеци, кои веднаш се вдомени. Тие биле чувани во куќа чиј сопственик неодамна починал. По пријава од инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство и во координација со Општина Велес, излеговме на терен и ги заловивме кучињата. Станува збор за сопственички кучиња без микрочип, кои законот ги препознава како бездомни. Во прифатилиштето ќе поминат низ хуман третман и ќе бидат објавени за вдомување, во согласност со законот“, соопштија од ЈП Регионален стационар „Шепа“, кое згрижува бездомни кучиња од девет општини во Вардарскиот Регион.
П. ПЕЧКОВ



