ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ ИНСПЕКТОРАТ ВАСЕ АНАКИЕВ НАПЛАЌАЛ 4.500 ЕВРА ЗА УПИС НА ФАКУЛТЕТ И 4.500 ЕВРА ЗА ЗЕМАЊЕ ДИПЛОМА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО СУДОТ ПОКАЖА И СНИМКИ ОД ТАЈНОТО СЛЕДЕЊЕ

ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ ИНСПЕКТОРАТ ВАСЕ АНАКИЕВ НАПЛАЌАЛ 4.500 ЕВРА ЗА УПИС НА ФАКУЛТЕТ И 4.500 ЕВРА ЗА ЗЕМАЊЕ ДИПЛОМА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО СУДОТ ПОКАЖА И СНИМКИ ОД ТАЈНОТО СЛЕДЕЊЕСите комуникации, дури и тие од тогашниот министер Цветан Трипуновски, Анакиев кој е кадар од Социјалистичка партија му ги праќал на Телеграм на лице запишано како „Претседателот“. (Фото: СДК.МК)

На денешното судење во Одделот за организиран криминал и корупција во Кривичниот суд против поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев од Социјалистичка партија, кој беше фатен со 50.000 евра мито во гаражата во зградата каде што живее ексминистерот за земјоделие Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, беа презентирани снимки од тајното следење со судска наредба.

Посебните истражни мерки (ПИ-мерки) беа во видео и аудио презентација, а обвинителката Искра Хаџи Василева акцентираше на кои места во кафеанската галама Анакиев зборува за рати, за рок на исплата, во разговор со сопственикот на фирмата „Манови“, чии камиони со вештачко ѓубриво тој не ги пушта да влезат од Бугарија во Македонија. Од снимките се гледаше дека камерата е кај оштетениот Методи Манов, кој всушност и го пријави директорот на Земјоделскиот инспекторат дека му бара 100.000 евра на две рати за да му ги пушти камионите на граница.

Снимките се од 13 март 2026 во угостителски објект во Свети Николе, а потоа и во хотел во близина. Првите се без Анакиев.

Се слуша гласот на сведокот, штедитерот Горанчо Стаменковски кој ги спои двајцата, како збори со оштетениот Методи Манов. Присутен е и братот на Методи. Се договара средба по насоки на директорот Анакиев, во хотел во близина на Свети Николе.

„Има криза за вештачко ѓубре. Ако не ги пушта камионите, ќе продаваме во Бугарија”, вели некој од браќата Манови.

Во 17.30 часот си заминуваат од кафаната, одат кај што кажал Анакиев.

„Вакво нешто не слушнавме на снимките. На снимките нема повикување од Васе Анакиев да дојдат некаде”, реагираше адвокатот Еленко Миланов.

Манов влегува во колата заедно со Горанчо Стаменковски кој веќе сведочеше дека на неговиот мобилен телефон Анакиев ја напишал сумата од 100.000 евра на две рати. Тече снимањето, доаѓаат Манов и Стаменковски во хотелот на средба со директорот Анакиев. Пушат цигари надвор, во 17.55 часот влегува Анакиев, се поздравува со Стаменковски зборува на телефон додека овие застанати до него го чекаат да дозбори.

„Стигнаа ли камионите?”, прашува Анакиев, зашто на друг граничен премин тој веќе ги пуштил.

“Да, фала многу”, му вели Манов.

„Таа средба требаше да биде порано”, вели Анакиев за тековната средба, а Манов и Стаменковски потврдуваат.

„Сакам гаранција, не сакам да имаме во иднина сопки”, вели Манов.

Во 19.07 часот,  Му го бара му го бара мобилниот на Стаменковски. Пишува порака, му вика пиши на двапати. Му вели да не ја праќа пораката. Комуницираат со пишување на мобилен, без да се праќаат пораките и само ги бришат.

Во 19.09 часот Манов вели: „Директоре прочита ли? Првата рата може одма да ја дадеме, не е проблем”.

Овој му вели „крајно е петти, па пред Велигден, зад Велигден“. Се слуша и 25-ти, галама е во хотелот. Во еден момент се гледа дека доаѓа менаџерот и им вели: „Срамота е да пушите овде, деца има“, по што овие ги гаснат цигарите.

Потоа Манов му вели на Анакиев да ја намали првата рата.

„Треба брзо да се реагира”, му враќа Анакиев.

Манов: „Спушти малку од првата рата“.

Анакиев: „Ми треба време да ја скоцкам целата ситуација, дали ме разбираш“?

Манов: „Педесет до кога“?

Анакиев: „До крај на неделата”.

Манов: „Не мора до вечер да одлучиме”.

Анакиев: „Да е до мене, нема проблем”.

Според обвинението, тој ден на 13 март 2026, обвинетиот Анакиев во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во две рати. На 19 март 2026, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници.

Обвинителката Хаџи Василева поднесе до судот и полициски извештај од фатените пари во торбата од првата рата: 36 банкноти во апоени од 200 евра, 164 банкноти во апоени од 50 евра, над 300 банкноти во апоени од по 100 евра и една банкнота од 500 евра.

Апсењето беше во гаражата на зградата во која живее тогашниот министер за земјоделие Цветан Трипуновски, претпоставен на Анакиев.

На следното судско рочиште продолжува презентацијата на материјалот од пи-мерките против Анакиев.

На претходните рочишта беа презентирани податоци од двата мобилни телефона на Васе Анакиев, како и смс-пораки, а САКАМДАКАЖАМ.МК присуствуваше на изведувањето докази од вибер-комуникацијата и на едно видео.

Во таа комуникација тој најнормално зема мито и за работи кои не се во доменот на неговата висока функција, па прикажа како продава диплома за факултет по цена од 9.000 евра.

Во комуникација на 25 јануари  2026 Анакиев му пишува на лице меморирано во именикот како Љупчо: „4.500 однапред, 4.500 на зимање. 180 кредити ќе биде Економски факултет. Треба само 180 кредити. Што има средно“?

Потоа Анакиев и Љупчо зборат за Европски факултет, тој бара и други податоци за да посредува при уписот на факултет. Му бара и државјанство, изводи и друго.

Во друга комуникација, Анакиев средува за тендер за Мантово, бара нешто „да се проба со стара дата”. Потоа средува за Селце до Драгоево, за земање земјиште под закуп.

На 10 февруари 2026, се жали од некој „Марихуана”. Тој барал да се раскине договор за закуп од 35 хектари, а Анакиев се жали дека тешко оди.

На 23 февруари, Љупчо му праќа скриншот од парцелата во Лозово што сака да ја земе, па бара инфо од Анакиев кои се жалители во постапката. На трети март Анакиев му кажува дека Конче е слободно, му вели да се спрема за лицитација.

„Овие докази се презентирани во контекст за личноста и поведението на обвинетиот во своето службено постапување како директор на Државниот инспекторат за земјоделие“, кажа обвинителката Хаџи Василева.

Потоа Анакиев на Телеграм комуницира со лице кое не е запишано во неговиот именикот. На 11 август 2024 година тоа лице пишува: „Едно место преку авторски, две места привремено, помлад соработник со земјоделски науки и правни науки…”

На 30.10.2024 година Анакиев му пишува: „Претседателе добар ден. Кај мене во инспекторат има можност за вработување во архива помлад соработник“.

На 19 ноември 2024 на Телеграм му праќа фајлови на „претседателот“, па видео со музика, па слика од кафана – софра и музика со Илија Стоилев, обвинет за злоупотреби со програмата ИПАРД. Тој е буквално со изобличен лик на фотографијата.

На 24 јуни 2025 од лицето претседател обвинетиот добива порака: Цвета Мартиновска, Коки Лукс, Манов… На 3 јули 2025 од претседателот: „Христина Караџовска, дипломиран правник…“ На 31 јули пак му ја препраќа Караџовска, го потсетува.

Претседател на Социјалистичка партија лани и сега е вицепремиерот Љупчо Димовски.

На 15 август 2025 обвинетиот добива порака од министерот Цветан Трипуновски со содржина: „Овде дали прати контрола?”, и таа му ја препраќа на анонимниот претседател. Буквално сè му препраќа.

Според податоците од другиот мобилен телефон на обвинетиот Анакиев, и таму има фејсбук-профили за вработувања, слика на девојка и момче, па тој праќа документ потпишан од министерот Цветан Трипуновски за вработувања со средства за нив.

На 1 јули 2026, обвинителката Искра Хаџи Василева од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против Васе Анакиев за кривично дело – Примање поткуп. Според обвинението, обвинетиот, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава директно побарал и прибавил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.

Митото го издејствувал така што вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на правно лице кое се занимавало со негово производство и увоз, иако истото и претходно повеќепати увезувало ваков вид стока. Притоа влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на граничниот премин.

Обвинетиот во судницата се однесува коректно. Тој во целост ги порекнува доказите на обвинителството и вели дека никогаш кај него не се најдени пари во рака. Уште неколку рочишта, па почнува доказната постапка на одбраната.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира