МАКЕДОНСКА ГАЛА ПРЕМИЕРА НА „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ НА МАНЧЕВСКИ НА 29 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

МАКЕДОНСКА ГАЛА ПРЕМИЕРА НА „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ НА МАНЧЕВСКИ НА 29 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕГала премиерата и црвениот килим ќе бидат во Филхармонијата, како што беше и со последните три премиери на Манчевски. (Фото: Банана филм)

„Сестра, брат и шахта“, новиот филм на Милчо Манчевски, на 29 ноември ќе има македонска гала премиера во Скопје. Филмот победи со Гран при во Токио и е само втор македонски филм досега што победил на фестивал од А-категорија, после „Пред дождот“ во 1994. Гала премиерата и црвениот килим ќе бидат во Филхармонијата, како што беше и со последните три премиери на Манчевски, соопшти продукцијата.

„Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак“, вели режисерот Манчевски.

На премиерата ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, меѓу кои и шест гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија. Од продукцијата велат дека специјално за потребите на премиерата привремено е увезена опрема за кино-прикажување, соодветна на големата сала на Филхармонијата. Целиот настан е организиран и финансиран со приватни средства.

Постерот за „Сестра, брат и шахта“.

После главната награда Гран при во Токио, „Сестра, брат и шахта“ доживеа успех и на фестивалите во Каиро и во Белград. Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, „врвна глума“…

„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, една лута сатира, ама и суптилна психолошка студија за брат и сестра, кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет. Ова е деветти долгометражен филм, а осми игран филм на Манчевски, снимен во иста година со документарецот „Добри луѓе“. Ова е редок куриозитет во светската кинематографија – автор да се појави во иста година со два филма пред меѓународната публика.

Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

Освен Агенцијата за филм, која го поддржа филмот после незаконска тригодишна блокада на Манчевски и после две судски одлуки во негова полза, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медиа груп“ од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира