Во малата соба на вториот кат од пензионерскиот дом во Тетово, Скадринка Стаменковска ги поминува своите пензионерски денови. Еден кревет, кауч, маса, мал шкаф и телевизор. Тука е и импровизираната кујна. Веќе 18 години од својот пензионерски живот Скадринка ги минува помеѓу овие 4 ѕидови.
„Таква ми беше судбината, работев во ‘Тетекс’ се разведов, но како пензионер не сакав да им пречам ниту на моите деца ниту на браќа ми, ни на роднините. Дојдов овде да живеам. Во оваа соба ми поминуваат пензионерските денови и јас сум многу задоволна. Малку ми е тешко што во пензионерскиов дом нема сместено други пензионери. Порано ги имаше повеќе но некои починаа, некои се отселија па последниве неколку години само јас овде живеам“, вели Стаменковска.
Пензионерскиот дом во Тетово е изграден пред четириесетина години и наоѓа веднаш до градскиот пазар. Ваквата негова местоположба и, во тоа време модерната градба, го правеше атрактивен за живеење и долга беше листата на чекање за да се добие соба. Но со текот на времето се променија состојбите и сега пензионерскиот дом во Тетово, во делот каде се наоѓаат собите за престој на пензионерите, е во навистина лоша состојба.
„Порано сместувањето и престојот на пензионерите во домот беше на товар на државата и таа го финансираше неговото работење, домот имаше менза и навистина добри услови за живеење. Тука се сместуваа пензионерите кои беа социјални случаи и кои беа без свој дом за живеење. Но кога државата се повлече и престана да плаќа за престојот на пензионерите, ја укина и мензата, а со тоа замре и работата на пензионерскиот дом. Ние не можевме да ги одржуваме собите и инфраструктурата на домот, со што условите за живеење станаа доста лоши. Поради ова некои пензионери почнаа да го напуштаат домот, некои во меѓувреме почина, па сега, иако имаме 12 соби , тука престојува само еден пензионер“, вели Шабан Азизи, претседател на Здружението на пензионери од Тетово.
Во Тетово и околните општини живеат околу 220.000 жители од кои има над 12.000 се пензионери и тоа што нема современ пензионерски дом е навистина сериозен проблем за градот и околните места.
„За да може овој пензионерски дом да функционира според сите стандарди треба не е само да се реновираат собите, туку е потребно да се направи и соодветна инфраструктура, да се направи менза, да има 24-часовна здравствена заштита и ред други работи. Тоа е голема инвестиција за која ние како Здржение сега немаме пари“, појаснува Азизи.
За нејзината тешка положба Стаменковска нашла разбирање од Здружението на пензионерите на Тетово. Тоа ѝ ги плаќа сметките за струја и вода, а таа плаќа само за престојот во пензионерскиот дом.
„Овие од пензионерсково многу ми помогнаа. Ми ги плаќаат стујата и водата, а јас издвојувам само 2.000 денари за кирија. Сама готвам, сама се хранам бидејќи домот нема менза. Сиот овој мебел што е во собава сама сум го купила. Дури самата ги сменив подот и вратите и прозорците. Старите прозорци и врати беа во многу лоша состојба, толку многу дуваше што добив и спондилоза, но сега е многу подобро вака. Јас сум, не да сум задоволна, туку презадоволна од сето ова“, вели Стаменковска.
Во изминативе години имало неколку иницијативи да се реновира постоечкиот пензионерски дом или да се изгради нов објект, но сите останале само на хартија.
„Пред пет години покренавме иницијатива и ги посетивме сите шест општини од тетовскиот регион вклучувајќи ја и Општина Тетово. Разговаравме со градоначалниците за идејата секоја општина, на свој трошок да реновира и опреми по една соба во која би се сместиле пензионерите од нивната општина. За Тетово, како најголема општина, беше предвидено да има 7 соби. Ние изготвивме и предпроект за кој сите градоначалници изразија заинтересираност. Но идејата немаше никаква реализација. Јас мислам дека општините не се заинтересирани за ова бидејќи немаат пари за вакви работи. Имаше и еден Италијанец заинтересиран да инвестира во еден ваков објект со голем капацитет, но од ова не испадна ништо бидејќи инвеститорот не наишол на рабирање кај надлежните институции кои требале да дадат дозволи. И така, пензионерскиот дом во Тетово останува во ваква незавидна положба. Сега ако сака некој пензионер да престојува во домот вратите му се отворени, но ќе мора самиот да си ја реновира собата, нема друг начин“, вели Азизи.
З. АНДОНОВ