„РЕКВИЕМ ЗА ГОСПОЃА Ј“ ГО ОТВОРА СКОПСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ В ЧЕТВРТОК

    „РЕКВИЕМ ЗА ГОСПОЃА Ј“ ГО ОТВОРА СКОПСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ В ЧЕТВРТОК„Реквием за госпоѓа Ј“ на српскиот режисер Бојан Вулетиќ во Скопје ќе го претстави главната актерка Мирјана Карановиќ; - сцена од филмот

    „Реквием за госпоѓа Ј“ на српскиот режисер Бојан Вулетиќ го отвора в четврток јубилејното 20-то издание на Скопскиот филмски фестивал. Филмот на Вулетиќ е српско-македонска копродукција и снимаше и во Скопје, имаше светска во програмата Панорама на годинашното Берлинале, а на премиерата во кино „Милениум“ гостинка ќе биде и главната актерка Мирјана Карановиќ.

    До 28 април во кината „Милениум“,„Фросина“ и во Кинотеката ќе играат 75 филмови во 4 програми, како и првата македонска ретроспектива на Стенли Кјубрик со пет негови дела. Специјален гостин ќе биде Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик, кој на 23 април ќе одржи предавање, а по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“, ќе одговара на прашања од публиката.

    Премиера ќе има и „Ах љубов моја“, најновата македонска филмска комедија на Коле Ангеловски.

    Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот ликовен уметник Ване Костуранов.

    Меѓу фестивалските хитови се новата комедија на оскаровецот Фернандо Труеба „Кралицата на Шпанија“ со Пенелопе Круз, трилерот „Невидливиот гостин“ на  Ориол Пауло, „Младиот Маркс“ на Раул Пек, „Заливот Слек“, на Бруно Думон со Жулиет Бинош, „Загубени во Париз“на  Фиона Гордон и Доминик Абел, „Кафуле“ на Алекс де ла Иглесија, „Бесконечна поезија“ на Алехандро Ходоровски, „Ученик“ на Кирил Серебреников, „Каков што си“ на Мајлс Џорис-Пејрафит и „Вива“на  Педи Бретнах.

    Франција е земја во фокусот, а ќе играат и 12 европски и 13 шпански кратки филмови.

    Првпат ќе се одржи и детската филмска програма „Креираме заедно“, реализирана заедно со Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје. Во програмата  учествуваа ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои говореа за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма. Креативните работилници ги водеа уметниците: Ване Костуранов за плакат, Наташа Гелевска за фотографија и Јане Алтипармаков за видеозапис.

    Во кино Фросина на 27 април ќе се одржи и работилница за анимиран филм со Берин Тузлиќ, мултимедијален уметник од Сараево.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира