99,1 ОТСТО ОД ГЕВГЕЛИЧАНИ СЕ ИЗЈАСНИЈА ПРОТИВ РУДНИЦИ НА КОЖУФ, ВЕЛАТ ОД „СПАС ЗА НАС“

    99,1 ОТСТО ОД ГЕВГЕЛИЧАНИ СЕ ИЗЈАСНИЈА ПРОТИВ РУДНИЦИ НА КОЖУФ, ВЕЛАТ ОД „СПАС ЗА НАС“Неофицијално, денеска во Гевгелија гласале 13.300 граѓани, што е 69 отсто од запишаните во единствениот избирачки список (Фото: СДК.МК)

    Граѓанската иницијатива „Спас за нас“ објави дека дури 99,1 отсто од граѓаните што излегле на денешниот референдум во Гевгелија се изјасниле дека се против доделување концесија за експлоатација на минералични суровини на територијата на нивната општина. Ангел Наков од ова граѓанско здружение вели дека според нивните првични и неофицијални информации, денеска во Гевгелија гласале 13.300 граѓани, што е 69 отсто од запишаните во единствениот избирачки список. Од нив само 0,1 отсто или само стотина граѓани се изјасниле дека се за отварање рудници, сите останати заокружиле против на гласачките референдумски ливчиња.

    „Гевгеличани со овој референдум недвосмислено кажаа дека во нивната општина не сакаат никакви рудници и се против било каква експлоатација на рудно богатство од планината Кожуф. Ги чекаме официјалните информации, но според нашите набљудувачи кои беа присутни на сите 37 избирачки места дури 99.1 отсто од граѓаните се изјасниле против рудници“, рече Ангел Наков.

    Од Општинската изборна комисија на Гевгелија засега не соопштуваат кој е резултатот од денешниот референдум со објаснување дека се чекаат резултатите од сите избирачки места. Тие најавија кога ќе ги комплетираат сите резултати ќе излезат со официјална информација. Тоа најверојатно ќе биде доцна вечерва.

    Денеска гевгеличани преку референдум се изјаснуваа дали во нивната општина треба да се дозволи дозвола за експлоатација откако во изминативе три години канадски компании вршеа детални геолошки истражувања на планината Кожуф за потенцијалите со злато и бакар.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира