Лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека сега е најважно ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека е опозиција и да ги прекине тензиите, по средбата со заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, соопшти СДСМ.
Заев вели дека идната Влада е подготвена да соработува со идната опозиција во интерес на реформските процеси и најави дека претседателот Ѓорге Иванов ќе добие известување од новиот собраниски спикер Талат Џафери дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да го даде мандатот за формирање Влада.
„Постои и Програма на новата реформска Влада којашто гарантира унитарност на државата, почитување на Уставот, евро-атлански перспективи на Македонија, што уште еднаш ќе му биде предочена иако е позната за целата домашна и меѓународна јавност. Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со коишто тој го условува давањето на мандатот. Парламентарното мнозинство има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани изразена на изборите и таа обврска ќе ја исполни“, ја пренесе партијата изјавата на Заев.