УЈП БЛОКИРАЛА ПАРИЧНА ПОМОШ НА БОЛЕН БЕЗДОМНИК ЗА НЕПЛАТЕНА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА ШТО НЕ БИЛА НЕГОВА

УЈП не одговара зошто го прекршила Законот за даночна постапка и кога грешката ќе биде исправена и на Христовски ќе му бидат вратени осумте илјади денари, а за случајот постапка отвори и Народниот правобранител

УЈП БЛОКИРАЛА ПАРИЧНА ПОМОШ НА БОЛЕН БЕЗДОМНИК ЗА НЕПЛАТЕНА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА ШТО НЕ БИЛА НЕГОВАИако законот тоа го забранува, УЈП му ја одзела еднократната парична помош на Јованче Христовски, болен бездомник од Скопје (Фото: СДК.МК)

Управата за јавни приходи (УЈП) на бездомник од Скопје му блокирала еднократна парична помош, добиена од Општина Центар поради лоша материјална состојба. УЈП го повредила Законот за даночна потстапка, бидејќи никако не смеела да наплаќа долгови за радиодифузна такса од еднократна парична помош.

Според Законот за даночна постапка, освен од еднократна помош, Управата не смее да симнува пари уште по три основи: од социјална заштита, инвалиднина и детски додаток. Еднократната парична помош УЈП му ја украла на Јованче Христовски, бездомник од Скопје. Неговата сметка во Тутунска банка, специјално отворена за да му бидат префрлени 8.000 денари еднократна помош од Општина Центар, е за наплата на долг за радиодифузна такса (РДТ). За ова, тој случајот го пријавил кај Народниот правобранител Иџет Мемети, каде што веднаш е отворен предмет и се постапува.

Тоа што Христовски е бездомник, а плаќа РДТ е апсурд и е другиот проблем кој произлегува од неажурноста на Македонската радио-телевизија, која што ги прави списоците на должници и која не ги чисти од бездомници.

САКАМДАКАЖАМ.МК го најде Христовски пред УЈП, каде беше дошол со намера да се сретне со одговорниот во скопската УЈП Зоран Павлов, кој е потпишан на одлуката за блокирање на сметката за еднократна парична помош. Освен што нема дом, Христовски нема ни што да јаде. Пред Управата имаше промоција на јогурт од скопска млекарница, каде се делеше и по една кифла, па ја искористи можноста да го „дегустира“ новиот јогурт. За ручек, рече, не знае како ќе се снајде. Рече и дека, специјално за да го фотографираме, по еден месец успеал да се искапе и избричи.

Го побаравме Павлов да го прашаме зошто го прекршил Законот за даночна постапка и кога грешката ќе биде исправена и на Христовски ќе му бидат вратени осумте илјади денари. Оттаму не упатија во централата на Управата за јавни приходи.

Во петокот до портпаролот на УЈП ги поставивме овие прашања, како и прашањето дали некој ќе сноси одговорност за незаконската постапка. Одговор до денеска не добивме. Според случајот што го отворил Народниот правобранител, станува збор за долг од 2012 година. Сметката стигнала на адреса на стан на улица Кузман Јосифовски – Питу, на гарсониерата која Христовски ја продал на лице од село Чифлиг уште во 1993 година. Но, за да не биде фантом, Христовски, кој потоа од други околности останал и без работа и без станот на мајка си, останал да се води на таа адреса. Таа му е и до ден денешен, бидејќи мора да е пријавен на некоја адреса за да има лична карта.

Ова е вториот дел од проблемот, грешка на МРТВ, чии служби не провериле во катастарот дека Христовски од 1993 не е сопственик на гарсониерата чиј нов сопственик не платил сметка за РДТ во 2012. Место тоа, МРТВ на списокот на должници го става недолжниот Христовски, а УЈП крши закон и во првата прилика му зема пари доделени како еднократна помош.

Христовски и сопругата живееле со мајка му која имала општествен стан. Во 1999 општествениот стан државата им го одзела, се развел со сопругата и таа со близнаците си заминала. Проблемите почнале, вели, уште во 1997, кога тој ја изгубил работата и немал пари да ги плаќа сметките за општествениот стан.

„Бездомник сум од 1999 година“, вели Христовски.

Некогаш наоѓал привремена работа, дури можел да си дозволи неколку месеци и да плаќа соба под кирија, сѐ додека не се разболел. Последната операција му била на простатата, лани на 29 јули.

„На таа основа Општина Центар ми ја даде еднократната парична помош од 8.000 денари, вели Христовски.

Парите стигнале на сметката на шести април годинава и по неколку дена УЈП му ги зела. За да биде парадоксот уште поголем, социјална помош на Јованче Христовски не му следува, бидејќи нема постојано место на живеење.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира