По примерот на Гевгелија и жителите на Богданци преку референдум ќе се изјаснуваат дали во нивната општина би требало да се отвараат рудници. Тие освен за ова прашање ќе гласаат и дали да се стопира или не рудникот за катоден бакар Казандол што се гради кај Валандово . Ваква одлука донесе Советот на Oпштината на синоќешната седница, на која сите 11 советници се изјаснија дека граѓаните треба да одлучат за овие две прашања. Според одлуката, референдумот во Богданци за или против рудници и Казандол ќе треба да се одржи на 11 јуни, а дотогаш општинската изборна комисија треба да ги обезбеди сите услови и технички да го реализира.
„Граѓаните на Општина Богданци ќе се изјаснуваат по две прашања. Првото е дали да се стопира или не изградбата на рудникот Казандол, а паралелно ќе се изјаснуваат и дали ќе дозволат било каква експлоатација на руда во границите на оваа Општина“, потврди претседателот на Советот на Општина Богданци.
Минатата недела, Советот на Валандово не дозволи да се расправа за евентуален референдум за рудникот Казандол, кој веќе 30 отсто е изграден и според одговорните од украинско-британската компанија „Сардич МЦ“ нема да загадува бидејќи ќе се користи најсовремена технологија за призводство на катоден бакар.
Акционер и неизвршен директор на „Сардич МЦ“ е и Ацо Спасеноски, кој од 2006-2009 беше министер за земјоделие од редовите на Социјалистичката партија, а потоа и амбасадор во Украина.
Референдумското изјаснување е резултат на граѓанските инцијативи „Спас за Вландово, Богданци и Дојран“ и „Стоп на рудниците на смртта“, откако Советот на Општина Валандово не дозволи да се расправа за референдум за рудникот Казандол оставајќи простор експертите да го кажат своето мислење дали овој рудник ќе загадува или не. Митко Чавдаров од инцијативата вели дека Богданци ќе ги трпи последиците од работата на Казандол чија концесија за експлоатација се наоѓа и на територијата на Општина Богданци и затоа инсистирале да се чуе гласот на народот.
„Сметаме дека сите води ќе бидат загадени, а прашината од рударскиот коп ќе не загадува и нас. Ние овде сме познати по еколошкото земјоделско производство, а со рудникот Казандол кој ќе ни даде сертификат за органско овошје или зеленчук и кој ќе купува од нас? Не е доцна, бидејки правото на здрава животна средина ни е загарантирано со Устав. Жителите мора да бидат консултирани за вакви крупни прашања. Имаме право на здрав живот“, вели Чавдаров од граѓанската инцијатива.
Синоќа во центарот на Богданци граѓанските активисти упатија Проглас до надлежните. Според нив, Богданци и околните општини околу неа, има одлични услови за одржлив економски развој наспроти отварање рударски комплекси. Тврдат дека овој микрорегион може да се развиваат на основа на обновливите извори на енергија како што е ветрот, сонцето но и органското земјоделско производство и туризмот, а не со рудници кои ќе ја загадуваат животната средина и за кои нема ниту традиција ниту интерес.
„Итно запирање на било какви активности со, во и околу рудникот Казандол и да се одземе концесијата на ‘Сардич МЦ’. Да се донесе законска регулатива со која во иднина би се забранил отварање какви било рудници во овој дел на државата“, стои во прогласот на граѓанските активисти кој го поддржаа сите присутни на јавниот собир во Богданци.
Тие на надлежните органи од локално и централно ниво им дадоа рок од еден месец да го реализираат референдумот и да не бараат преговори за нешто што преставува опасност за нивното здравје. Не сакаат емисари како Соња Лепиткова и Христијан Делев од министерствата за екологија и економија кои ќе ги убедуваат дека Казандол нема да загадува туку ќе има чиста животна средина.
„Овој крај не смее да се загадува. Во југоисточна Македонија односно Валандово, Богданци, Дојран и Гевгелија се произведуваат 30 отсто од сите земјоделски производи во Македонија. Нашата иднина е во зголемување на земјоделското производството, а не отварање рударски капацитет. Опасните хемикалии преставуваат непотребен ризик за здравјето на граѓаните, за чистиот воздух, плодната почва, но и за самиот биодиверизитет. Прочитајте ја само студијата за оценка на животната средина и се ќе ви биде јасно. Ние мора да се фокусираме на инвестиции за искористување на обновливите извори на енергија, а не во рударството. Колку за илустрација, последните години значително се зголеми бројот на органски земјоделски производители и пчелари“, кажа Дејан Маџиров од еколошкото друштво Полимак 13.
В. ТРАЈКОВ