Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во Брисел ќе се сретне со Високата претставничка за надворешни работи и за безбедносна политика на Европската Унија Федерика Могерини и други високи претставници во ЕУ, соопшти Кабинетот на собранискиот спикер.
Џафери оди во Брисел на покана Европската унија и Европскиот парламент и тоа е негова прва официјална посета во странство по неговиот избор во Собранието. Покрај Могерини, Џафери треба да се сретне со еврокомесарот за добрососедска политика и за проширување, Јоханес Хан, претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, како и со европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.
„На средбите претседателот Џафери уште еднаш ќе ја реафирмира нашата определеност за полноправно членство во Европската Унија, како и улогата на Собранието во тие процеси. Исто така претседателот Џафери ќе ги запознае своите соговорници со состојбите кај нас, со посебен акцент на продолжување на процесот на формирањето на новата влада, како израз на парламентарното мнозинство, кое произлегува од волјата на граѓаните на Република Македонија изразена на парламентарните избори во декември минатата година“, се вели во соопштението.