Еврокомесарот Јоханес Хан предупреди дека какво било повторување на намерниот напад на пратениците и новинарите во Собранието ќе ја загрози европската перспектива на Македонија и им порача на сите пратеници, посебно на опозициските, да играат конструктивна улога и да не прават опструкции по денешната средба со претседателот на Собранието Талат Џафери во Брисел, соопшти Европската комисија.
Комесарот за соседска политика и проширување изрази подготвеност да соработува со Џафери за напредок на агендата со ЕУ реформите, вклучувајќи го Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети.
„Парламентот сега мора да работи непречено. Сите пратеници, вклучувајќи ја и опозицијата, треба да играат конструктивна улога, место да прават опструкции и сите актери мора да се воздржат од провокативни изјави и дејствија“, се вели во соопштението на Европската комисија.
Според Хан, фокусот сега треба да биде на следните чекори од процесот на формирање влада со почитување на парламентарното мнозинство во согласност со Уставот и демократските принципи.