Немаше претставници на Општина Кавадарци и на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет, да положат цвеќе и да им оддадат почит на тиквешките борци во НОБ и антифашистичката војна, на денешното одбележување на 74 години од формирањето на Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов”. Пред спомен-костурницата во Градскиот парк се поклонија само претставници на здруженијата на борци од Кавадарци и Неготино меѓу кои и еден преживеан борец, како и претставници на СДСМ, меѓу кои и двајца советници во советот од оваа партија. Почит оддадоа и историчарите Петре и Мики Камчевски и уште неколкумина други граѓани. Градоначалник на Кавадарци е Александар Панев од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Здружението на борци од Кавадарци рекоа дека не знаат зошто на одбележувањето не дошле претставници на Општината и власта. Нагласија дека ја известиле локалната самоуправа за денешниот настан.
Историски час за формирањето на одредот одржа историчарот Петре Камчевски кој е и директор на Кавадаречкиот музеј. Тој, меѓу другото, нагласи дека станува збор за една од најголемите и најборбените партизански единици во периодот на антифашистичката борба во Македонија.