ГЕРМАНИЈА ВЕЛИ ИВАНОВ ТРЕБАШЕ ОДАМНА ДА ГО ДАДЕ МАНДАТОТ, ТОЈ ОБВИНИ ДЕКА НЕ ИМ ЧИНИ АМБАСАДОРКАТА

    ГЕРМАНИЈА ВЕЛИ ИВАНОВ ТРЕБАШЕ ОДАМНА ДА ГО ДАДЕ МАНДАТОТ, ТОЈ ОБВИНИ ДЕКА НЕ ИМ ЧИНИ АМБАСАДОРКАТАГерманија неодамна им порача на политичарите околу Груевски дека го изгубиле кредитот, а Иванов го обвини Берлин дека со неквалитетни дипломати ја навредува Македонија - Ангела Меркел и Ѓорге Иванов

    Министерството за надворешни работи на Германија соопшти дека одлуката на претседателот Иванов да го даде мандатот за состав на нова влада на мнозинството во парламентот требаше да се случи одамна.

    „Добро е што претседателот Иванов попушти и престана да го блокира формирањето на новата влада. Оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно го рефлектира исходот од изборите во земјата во декември во 2016 година“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Германија по повод давањето на мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

    „Ги повикуваме сите учесници во политичкиот процес во Скопје сега конструктивно да соработуваат, а тоа важи и за претстојните преговори помеѓу коалициските партнери. Граѓаните не заслужуваат политички интриги да се водат врз нивниот грб. Тоа што ѝ е потребно на земјата и тоа што нејзините граѓани со право го очекуваат, е брзо формирање на нова влада, која бргу ќе се зафати со целосно спроведување на Договорот од Пржино и на реформските приоритети. Потребни се длабоки реформи за државата да продолжи по патот кон евроатлантските интеграции. Германија и понатаму ќе ја поддржува земјата на тој пат“, се вели во соопштението на германското МНР.

    Иванов вечерва ја критикуваше Германија дека нема добри дипломати во Македонија. Тој во интервју за ТВ Нова рече дека канцеларката Ангела Меркел му се извинувала оти амбасадата во Скопје испраќала лажни вести.

    „Треба да не загрижи квалитетот на дел од дипломатите во Република Македонија. Амбасадорот на германското министерство се служеше со лажни вести, па Меркел мораше да се извинува за неточни информации кои ги добивала од нивната амбасада. Апелирам до Германија дека вакво ниво на дипломати е навреда за нашата земја.  Недозволиво е на лажни информации да темелат соопштение од германска амбасада. Како порано да го дадам мандатот? Со кршење на уставот?“, рече Иванов за ТВ Нова.

    Тој не кажа во која прилика и кога Меркел му се извинила.

    НЕ МОЖЕ ДА ЈА ДРЖАТ ВЛАСТА САМО ЗАТОА ШТО СЕ ПЛАШАТ ОД ИСТРАГИ, ПОРАЧА ГЕРМАНИЈА ВО ТРЕТА ИЗЈАВА ЗА ДВА ДЕНА

    По организираниот напад на Собранието, германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел на 29 април, за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на Малта изјави дека е „недозволиво некој да ја задржува власта само затоа што има страв од истрагата на Специјалното јавно обвинителство за она што го правела владата“.

    ГРУЕВСКИ ГО ИЗГУБИ КРЕДИТОТ, ПОРАЧА ГЕРМАНСКАТА ВЛАДА

    Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот изјави дека Груевски го потрошил целиот кредит. Во интервју за германското државно радио „Дојче веле“ на 3 мај тој изјави: „Запрепастен сум и ужаснат од тоа како политичарите околу експремиерот Груевски секојдневно ја прокоцкуваат својата веродостојност. Господинот Груевски го потроши сиот кредит“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира