Еколошка катастрофа од помор на риби и се заканува на реката Крива Лакавица, откако минатата недела целосно е затворен испустот од браната Мантово кај село Конче во радовишко.
Жителите од селата околу вештачката акумулација Мантово велат дека вратата со која се регулира испустот на вода од браната скоро цела година бил во дефект, и дека неконтролирано била испуштана вода. Тие додаваат дека пред десетина дена екипи од Водостопанство на Македонија ја поправиле вратата, но дека целосно го затвориле испустот и дека нивото на водата во реката Крива Лакавица толку опаднал што буквално рибите се препелкале на суво, немало вода ниту за чапјите и другите птици.
„Луѓето буквално собираа умрена риба долж коритото на реката. Цела недела скари прават од неа. Вода нема ниту за чапјите, ниту за напојување на говедата“, раскажува жител од село Конче.
Ромео Тренев, директор АД „Водостопанство на Македонија“, негира дека на реката Лакавица и се заканува еколошка катастрофа и дека нема доток на вода од браната Мантово.
Тој признава дека има дефект на вратата од испустот на браната, но додава дека делумно го санирале и дека испуштаат вода во реката Лакавица, онолку колку што е потребно за да се оддржи биолошкиот минимум во речното корито.
„Се испуштаат 25 литри вода во секунда и не е точно дека има помор на риби. Дефект на испустот има. Ние го забележавме пред изборите лани. Од Платежната агенција ни одобрија средства за поправка на дефектот, но бидејќи беше пред избори, законски немавме право да распишеме тендер за јавна набавка, целосната поправка ја оставивме до формирање на нова Влада. Во периодот пред избори беше зима и хидролошката состојба тогаш не беше лоша, сметавме дека по изборите веднаш ќе има Влада и дека ќе можеме да направиме јавна набавка. Не очекувавме дека толку ќе се развлече работата околу формирање на Влада“, вели Тренев.
Тој додава дека во меѓувреме времето се стопли, немаше доволно врнежи и нивото на водата во Мантово драстично се намалила.
„За да нема неконтролиран испуст на вода од Мантово само ја заменивме гумата на вратата за да може механички да се затвора. Тоа моравме да го направиме за да се намали испустот, оти доажа сезона за наводнување и мора да имаме вода во акумулацијата. Делот од хидрауликата и електриката кои се во дефект не се поправени, тоа ќе го направиме по формирање на Владата, односно ќе распишеме јавен оглас“, вели Тренев.
Според него, тврдењата на мештаните од околните села дека нема доволно вода во реката Лакавица се неточни, и дека такви коментари даваат оние жители што го узурпирале речното корито за изградба на диви рибници.
Секторот за инспекциски надзор од Општина Штип утрово извршил увид кај браната Мантово по реакција на локалните жители.
„Браната е целосно затворена, односно од неа нема ни капка вода што оди во Лакавица. Претходно кога беше дефектот на браната испустот од Мантово бил 120 литри во секунда, а сега нема ни капка. За да се обезбеди биолошки минимум треба да се испуштаат од 40 до 60 литри во секунда. Со записникот од надзорот ќе бараме од директорот на Водостопанство да се пушти доволно вода, бидејќи само на 20 километри е најплодната почва и нема вода ни за наводнување, велат од секторот за инспекциски надзор на Општина Штип.