СТАЈКОВИЌ, ОСОМНИЧЕН ОД СЈО ЗА СЛУЧАЈОТ „ТРЕЗОР“ ПОД ИСТРАГА ВО МВР И ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    СТАЈКОВИЌ, ОСОМНИЧЕН ОД СЈО ЗА  СЛУЧАЈОТ „ТРЕЗОР“ ПОД ИСТРАГА ВО МВР И ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОСтајковиќ бил задолжен да го контролира работењето на системот за снимање на командите во МВР, но системот бил исклучен уште од 2014 година - детал од евакуацијата на пратениците ноќта по крвавите настани на 27 април (Фото: Г.Трпеноски)

    Меѓу новите 15 суспендирани припадници на МВР за нападот на Собранието на 27 април е и Небојша Стајковиќ, осомничен од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во случајот „Трезор“ поврзан со набавка на опрема за следење во 2010 година преку фирма-посредник.

    Информацијата е потврдена од МВР, но од таму не прецизираат дали Стајковиќ е суспендиран поради непосредно учество во нападот на Собранието, или поради пропусти во работата кои довеле до бруталното претепување на пратениците од парламентарното мнозинство.

    Стајковиќ како раководител бил задолжен да го контролира работењето на тетра – системот за снимање на командите во МВР. Во истрагата, МВР открило дека Системот за регистрација на командите не работел три години. Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу ангажирал германски експерт да ги провери серверите за снимање на команди, и се открило дека два сервери не биле вклучени во системот за снимање команди и дека тој не работи уште од 2014 година.

    Небојша Стајковиќ е еден од осомничените од Специјалното јавно обвинителство кое на 28 септември минатата година го презентираше случајот “Трезор“. Станува збор за истражна постапка против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра.

    Обвинителката Фатиме Фетаи тогаш соопшти дека “Трезор’ е случај за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија.

    Управител на фирмата „Финзи Дооел“ бил Коста Крпач, кој бил сведок на СЈО. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април минатата година. Првично, фирмата „Финзи“ била основана од братот на Стајковиќ.

    Во случајот “Трезор“ покрај Небојша Стајковиќ , бивш помошник министер во МВР и член на Управен одбор на Телеком, осомничени се и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на петтата управа Горан Грујовски и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

    СЈО тогаш побара мерки за претпазливост за Мијалков, Јакимовски и Стајковиќ, но кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 ја потврди одлуката на судијката Елена Јосифовиќ да не изрече мерки за претпазливост за тројцата осомничени лица.

    Иако случајот беше објавен кон крајот на септември, тројцата осомничени дури на трети ноември беа сослушани од судија на претходна постапка, бидејќи СЈО бараше изземање на судијката Елена Јосифовиќ, поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно зашто нејзиниот девер имал деловни врски со фирмата „Финзи“, која е опфатена со истрагата во случајот. Тогашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, го одби барањето на СЈО за изземање, а неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира