Мандатарот Зоран Заев попладнево во Брисел се сретна со Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, објави портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич на Твитер.
„Пред вечерата со претставниците на Западен Балкан, Федерика Могерини се сретна со Зоран Заев, определениот за премиер на Поранешна Југословенска Република Македонија“, напиша Коцијанчич на социјалната мрежа.
Могерини имаше средби и со останатите премиер од Западен Балкан пред нивната заедничка вечера со почеток од 20.30 часот.
Могерини претпладнево на прес-конференција во Брисел соопшти дека на неформалната вечера ќе се разговара за иднината на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.
„Целта е да се развијат инклузивни општества, добро управување и широки економии. Мојата заложба и заложбата на комесарот Хан но и на тројцата претседатели – Доналд Туск, Жан-Клод Јункер и Антонио Тајани е тесна соработка со сите шест земји. Ова не значи да работиме за нив, туку со нив и тоа е целта на вечерашниот состанок. Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги преземеме за во иднина“, рече Могерини.