БЕСА НЕМА ДА ГЛАСА ЗА НОВАТА ВЛАДА ПОРАДИ СОСТАВОТ НА ВЛАДИНИОТ КАБИНЕТ

    БЕСА НЕМА ДА ГЛАСА ЗА НОВАТА ВЛАДА ПОРАДИ СОСТАВОТ НА ВЛАДИНИОТ КАБИНЕТЛидерот на Беса Биљал Касами со раководството на партијата на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Беса нема да гласа за новата влада предложена од мандатарот Зоран Заев, поради, како што велат од партијата, составот на владиниот кабинет.
    „Движењето Беса нема да гласа за новата влада, бидејќи гледајќи го составот кој е предложен, тој не гарантира дека ќе бидат спроведени реформи“, рече лидерот на Беса Биљал Касами на денешната прес-конференција.

    Тој потврди дека највисокото раководство на Движењето Беса донело одлука да не бидат дел од владата на мандатарот Зоран Заев, бидејќи лидерот на СДСМ не бил подготвен да ги прифати нивните принципи.
    Сепак, тој најави дека пратениците на Беса ќе ја поддржат секоја иницијатива која ќе води во насока на реформи и сите закони кои ги тангираат правата на Албанците.

    Од Беса, за да влезат во новата влада, бараа од СДСМ во владата да нема осомничени лица и да се вклучи декларацијата што ја потпишаа албанските партии во Македонија во владината програма. За СДСМ неприфатливо е нивното барање отворање на прашањето за редефинирање на државата.

    СДСМ во 19 часот вечерва има закажано Централен одбор, на кој ќе ги дефинира имињата на министрите во новата влада. Во Собранието има дежурен секретар да го прими предлогот за влада, ако вечерва бидат договорени сите ресори со ДУИ и Алијансата за Албанците, со кои имаат мнозинство од 62 пратеници.

    Досега, со официјални предлози за членови на владата излегоа само од ДУИ. По синоќешната седница на централното претседателство на партијата, предложени беа: Хазби Лика за вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Булент Салиу за министер за правда, Садула Дураку за министер за екологија, Крешник Бектеши за министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор. За Алијансата на Албанците се предвидени министерствата за здравство и за локална самоуправа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира