Експертската комисија во МВР што ја води истрагата за однесувањето на полицијата за време на насилствата во Собранието на 27 април, од сослушаните службеници и раководни структури на специјалните полициски сили во МВР собрала доволно докази против директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како најодговорен за непостапувањето на полицијата додека дивееја насилници во Собранието, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК .
Вчера, Чавков бил виден во кругот на МВР. Влегол во кабинетот на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, но не за да биде сослушуван за неговото однесување како шеф на оперативниот штаб кој ги остави насилниците да ги претепаат пратениците од СДСМ и пратеникот Зијадин Села, туку по друга работа.
„Чавков беше кај министерот за друга работа. Комисијата од професионалци од МВР, што ја формираше министерот Нухиу нема надлежност да сослушува лице избрано или именувано од Владата. Него може да го сослуша само јавен обвинител. Комисијата ја заврши работата, ги сослуша сите службени лица на МВР и доказите за тоа кој е виновникот што полицијата не постапи скоро три часа вечерта за време на насилствата во Собранието ќе му бидат дадени на министерот. Потоа, тој ќе ги поднесе до Јавното обвинителство“, велат високи извори во МВР.
Мозаикот од досегашните изјави на членовите на оперативниот штаб, но и од раководните структури на специјалните сили на МВР, веќе е склопен, велат изворите. Обрачот се стега околу Чавков, кој околу три часа оставил да траат крвавите насилства во Собранието и да се доведат во опасност човечки животи, велат изворите.
Според она што било досега собрано како материјал од изјавите на раководството на Централните полициски сили (ЦПС), кои се по хиерархија директно под Чавков, а и на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), недејствувањето на полициските сили додека дивјаците им ги кршеа главите на пратениците кои не се од ВМРО-ДПМНЕ, било затоа што директорот и шеф на оперативниот штаб дал наредба три часа да не се дејствува во Собранието.
Оваа комисија е составена од луѓе кои работат многу години во МВР, од тамошни советници и кривично – правни експерти, како и од вработени во Секторот за внатрeшна контрола. Тие веќе ги имале лоцирано бронзената, сребрената и златната командна одговорност, како што се нарекуваат во правилниците на МВР. Златната командна одгoворност е само на Чавков, како шеф на оперативниот штаб во МВР кој требало да ги следи безбедносните околности и ризици поврзани со протестите против формирање ново парламентарно мнозинство и нова влада. Негова е одговорноста затоа што не реагирал и не спречил какво било загрозување на безбедноста во и околу Парламентот, велат извори упатени во извештајот на комисијата.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков официјално е на одмор. Тој пред околу две недели побара да се пензионира, по што го испразни од личните работи и си замина од кабинетот.
Под чија команда бил Чавков за да постапи крајно непрофесионално и нечовечки, велат изворите, ќе треба да каже пред Јавниот обвинител, бидејќи според она што било собрано од сослушаните полициските службеници потчинети на Чавков, има основ Јавниот обвинител да го повика, велат од МВР.
Досега МВР има суспендирано 20 свои припадници, а за уште 30-ина води постапка Внатрешната контрола на Министерството, бидејќи на 27 април за време на организираниот напад на Собранието не постапиле професионално.
Меѓу суспендираните е и помошник-министерот Небојша Стајковиќ, кој е суспендиран поради нефункционирањето на системот за снимање на командите во МВР. Стајковиќ е осомничен од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во случајот „Трезор“ поврзан со набавка на опрема за следење во 2010 година преку фирма-посредник. Обвинителката Фатиме Фетаи тогаш соопшти дека “Трезор’ е случај за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија. Управител на фирмата „Финзи Дооел“ бил Коста Крпач, кој бил сведок на СЈО. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април минатата година. Првично, фирмата „Финзи“ била основана од братот на Стајковиќ.
Стајковиќ како раководител бил задолжен да го контролира работењето на тетра – системот за снимање на командите во МВР. Во истрагата, МВР открило дека Системот за регистрација на командите не работел три години. Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу ангажирал германски експерт да ги провери серверите за снимање на команди, и се открило дека два сервери не биле вклучени во системот за снимање команди и дека тој не работи уште од 2014 година.
По суспензиите реагираше Независниот полициски синдикат, кој побара Обвинителството да утврди одговорност и кај Митко Чавков како раководно лице на оперативниот штаб.
„Нема да може да се спаси и без разлика на тоа што господинот Чавков се подготвува да замине од Бирото за јавна безбедност, а да ги остави луѓето кои се обични полицајци да страдаат и да ги остават нивните семејства надвор од можноста да имаат редовна плата“, рече Гоце Делчев Тодев од Независниот полициски синдикат.
С. К. ДЕЛЕВСКА