НАПАДОТ ВРЗ ТОДОРОВ Е ПОСЛЕДИЦА ОД НЕЕФИКАСНАТА ИСТРАГА И НЕДОСТИГ НА САНКЦИИ ЗА СМРТТА НА ТАМАРА, ВЕЛИ ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ

    НАПАДОТ ВРЗ ТОДОРОВ Е ПОСЛЕДИЦА ОД НЕЕФИКАСНАТА ИСТРАГА И НЕДОСТИГ НА САНКЦИИ ЗА СМРТТА НА ТАМАРА, ВЕЛИ ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТХелсиншкиот комитет побара итен одговор од Јавното обвинителство за исходот од постапката покрената за смртта на 9-годишната Тамара Димовска и најави дека ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права за повреда на ефикасност на истрагата и правото на пристап до суд и правото на реална жалба

    Хелсиншкиот комитет за човекови права го осуди вчерашниот напад над поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, извршен од дедото на починатата 9-годишна Тамара Димовскa  истакна дека тоа е последица на неефикасната истрага и отсуството на санкции за виновниците за смртта на Тамара, кои беа блиски до тогашната партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ .

    „Сметаме дека ваквите напади не доведуваат до никаква разрешница, туку напротив, можат да предизвикаат немири од поголеми размери. Оттука, се спротивставуваме на овој инцидент, но и на сите останати кои како форма на реакција го имаат насилството“, се вели во соопштението.

    Хелсиншкиот комитет вели дека селективна правда која беше и сѐ уште е спроведувана од јавното обвинителство и судовите доведе до апсолутна недоверба на граѓаните во правосудниот систем.

    „Сметаме дека ваквиот настан е токму последица на неефикасната истрага и отсуството на санкции за виновниците за смртта на Тамара Димовска, кои беа блиски до тогашната партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Имено, Јавното обвинителство покажа целосна интертност во случајот на малолетната Тамара Димовска. И покрај тоа што во конкретниот случај осомничените лица се познати, јавното обвинителство подолго од 2 години нема доставено одговор дали ќе поднесе обвинителен акт против овие лица“, стои во соопштението, во кое се бара институциите итно да ги санкционираат сите сторители на кривични дела, вклучително и за конкретниот настан.

    Хелсиншкиот комитет исто така побара итен одговор од Јавното обвинителство за исходот од постапката покрената за смртта на Тамара Димовска и најави дека ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права за повреда на ефикасност на истрагата и правото на пристап до суд и правото на реална жалба.

    Основното јавно обвинителство отвори истрага за убиство во обид и побара притвор за Љ.С. (60), дедото на Тамара, кој вчера пукаше во поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, соопшти Јавното обвинителство. Осомничениот се гони и за кривичното дело – недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира