ВМРО-ДПМНЕ НЕ ФОРМИРА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА ЗА ДА ГО БЛОКИРА СОБРАНИЕТО

ВМРО-ДПМНЕ НЕ ФОРМИРА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА ЗА ДА ГО БЛОКИРА СОБРАНИЕТООД ВМРО-ДПМНЕ Нема коментар на обвинувањата дека со ваквото однесување пратениците на чело со лидерот Никола Груевски имаат намера да го блокираат нормалниот тек на собраниските седници - пратениците на опозицијата (Фото: Ѓ. Личовски)

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, и по пет месеци од конституирањето на Собранието,  уште не формираат своја пратеничка група.

Претседателот на Собранието Талат Џафери неколку пати ја повика опозиционата ВМРО-ДПМНЕ да ја формира и официјализира  пратеничката група.  Вчера во Собранието прашавме дали пратениците од оваа партија доставиле список на пратениците што ќе ја сочинуваат пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со назначен координатор и заменик-координатор. Одговорот беше дека се уште нема ни најава за оваа нивна обврска.

„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со ваквото однесување покажуваат дека имаат стратегија и намера да ги блокираат собраниските седници со бесконечни процедурални забелешки. Ако оформат пратеничка група, се знаат правилата. Процедурални забелешки и реплики може да да даваат само координаторите на пратеничките групи и евентуално нивните заменици. Така Собранието треба нормално да функционира. Но, ако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата останат индивидуални пратеници, секој од нив ќе има право да дава процедурални забелешки за сè и сешто, да реплицира и контрареплицира кому сака и за што си сака, што е одлична можност да се блокира носењето на законите во Собранието. Бидејќи, во таков случај на пратеник-индивидуалец, претседателот на Собранието нема да може да не му даде збор или да му ускрати право на реплика, процедурална забелешка и останатите права што би ги имал само нивниот координатор“, објаснуваат од Собранието.

Се обидовме одговор да добиеме од ВМРО-ДПМНЕ зошто уште не е формирана нивната пратеничка група и кога  ќе се случи тоа, но не успеавме да оствариме контакт. Повратен одговор на прашањата испратени на смс порака, исто така, не добивме. Нема ни коментар на обвинувањата дека со ваквото однесување пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот на партијата Никола Груевски, имаат намера во наредниот период да го блокираат нормалниот тек на собраниските седници и воопшто функционирањето на законодавниот дом.

Не може да се ажурира ни пратеничкиот состав 2016-2020 година на веб страната на Собранието. По пет месеци од конституирањето на Парламентот, 15 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои се Никола Груевски, Елизабета Канческа – Милевска и Емил Димитриев, не доставуваат фотографии и биографии до собраниските служби, па така пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ на собраниската веб страна, место да брои 51, има само 36 пратеници.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира