Блокадата на Грција за влез во НАТО покажа дека предизвикува кризи па затоа Македонија би требало да влезе во Алијансата со привремената референца, порача премиерот Зоран Заев во Брисел на заедничката прес конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Додека тече ратификацијата во 29 земји членки, што е процес кој трае околу две години, се надеваме дека би можеле да најдеме решение“, рече Заев, одговарајќи на прашање дали е подготвен да го смени името или Македонија да влезе во Алијансата под привремената референца.
Тој рече дека сиве овие години на блокада на процесот за влез во НАТО, покажаа дека стоењето во место предизвикува кризи. „Очекувам поддршка и од Грција за решавање на овој проблем. Сметаме дека и со привремената референца може да влеземе во НАТО или да почнеме преговори за членство“, изјави премиерот на Македонија Заев.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека Алијансата сè уште стои на ставот што беше кажан на самитот во Букурешт во 2008 година и на самитот во Варшава во 2016 година дека е потребно заедничко прифатливо решение за спорот за името.
“Потребно е заеднички прифатливо решение во рамки на НАТО. Ние не сугерираме решение, но ако е прифатливо за Грција и за Македонија, ние сме подготвени за придвижување на процесот за членство“, рече Столтенберг.
Премиерот Заев рече дека Македонија досега се покажала како голем поддржувач на НАТО, особено преку испраќање свои војници во мисии на Алијансата, но дека и покрај тоа сè уште не го добила заслуженото членство.
„Ако сме членка на НАТО, ќе можеме да дадеме уште поголема поддршка. Постои голема поддршка за НАТО кај граѓаните на Македонија. Но, и покрај тоа што направивме сè што беше неопходно, тоа не беше доволно. Тоа не е фер – рече Заев, додавајќи дека новата влада е посветена на реформите и на законодавството во согласност со препораките од ЕУ.