Се прошируваат блокадите во Валандово. Револтирани што претседателката на Советот Јасмина Сечкова не свикува вонредна седница за распишување референдум, освен кон Гевгелија и Скопје, иницијативата спас за Валандово го блокира и патот кон Струмица и Дојран. Се пропуштаат само итните случаи. Граѓанската иницијатива и понатаму бара Сечкова да свика вонредна седница и да не го чека законскиот рок од 60 дена, бидејќи потребните потписи во кои е изразена волјата на валандовчани за референдум се собрани и доставени. Тврдат дека ако се чекаат законските рокови во овој случај референдум би имало наесен, кога рудникот ке биде изграден а паралелно ќе има и локални избори.
„Место да се почитува волјата на граѓаните и да закажат седница на која би се дефинирало референдумското прашање и терминот на одржување на референдумот, претседателката на Советот наоѓа разновидни начини да го пролонгира свикувањето седница. Сметаме дека тоа му оди во прилог на инвеститорот. Ако се чекаат законските рокови, референдум би имало на 15 октомври, време кога ќе има и локални избори но и период кога се очекува да профунцкионира рудникот Казандол“, велат граѓанските активисти.
Претседателката на Советот на Општина Валандово Јасмина Сечкова тврди дека ќе закаже седница во законскиот предвиден рок, но паралелно таа побара мислења и препораки од Државниот инспекторат за локална самоуправа како да дејствува за распишување на референдумот.
„Не сакаме како општински власти да ги пречекоруваме ингеренциите, бидејќи во одредени периоди немавме мандати. Кога ќе добиеме инструкции од инспекторатот така и ќе постапиме, да не се соочиме со одредени неправилност“, кажа Сечкова.
Иницијативата „Спас за Валандово“ вчера два часа ја блокираше клучката Валандово-Пирава-Марвинци која и денеска беше затворена за сообраќај, а денеска со автомобили и земјоделска механизација ја блокира клучката Грчки гробишта кон Дојран и Струмица.
В.ТРАЈКОВ