ЗА ЗАМЕНИЦИТЕ-МИНИСТРИ ЌЕ СЕ ГЛАСА В СРЕДА ИЛИ ЧЕТВРТОК, ЏАФЕРИ ОДИ ЗА РИГА

    ЗА ЗАМЕНИЦИТЕ-МИНИСТРИ ЌЕ СЕ ГЛАСА В СРЕДА ИЛИ ЧЕТВРТОК, ЏАФЕРИ ОДИ ЗА РИГАНа почетокот на идната недела ќе отсуствува спикерот Талат Џафери. - Џафери со пратениците Илија Димовски и Петре Шилегов (Фото: СДК.МК)

    Гласањето за заменици-министри нема да биде на денешната пленарна седница, туку идната недела в среда или в четврток. Така и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаа доволно време да ги проучат биографиите на кандидатите на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците за кои се пожаила дека немаат доволно време да ги изанализираат.

    Од парламентарното мнозинство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека иако за денес е закажано продолжението на пленарната седница на која што како последна точка, на барање на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, е ставен изборот на заменици-министри, сепак нема да се стигне да се гласа неделава.

    Така е затоа што дури за идната недела, в понеделник и во вторник се закажани седници на Комисиите за економски прашања, за политички систем и односи меѓу заедниците, за транспорт и врски и екологија и за труд и социјална политика. Според Деловникот, Собранието не може да расправа по прашања за кои матичното работно тело и Законодавно-правната комисија не зазеле став. Вчера беа поминати 12 точки од дневниот ред, а изборот на заменици-министри е 23. точка. Токму за точките помеѓу треба да се расправа на споменатите комисии.

    Идната недела покрај закажувањето на комисиите, отсутен ќе биде и претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој в понеделник заминува во дводневна официјална посета на Летонија, а пак премиерот Зоран Заев оди во посета на Бугарија на покана на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

    „Последна точка на дневниот ред на седницата е изборот на замениците-министри. Ќе расправаме по комисиите за точките од  дневниот ред. Ако се заврши се, има шанси да се изберат и замениците“, вели Јован Митрески, пратеник од СДСМ.

    Од парламентарното мнозинство велат дека нема да се изгуби многу време. Велат дека до идната среда и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе можат да ги проучат биографиите на кандидатите за заменици министри за кои рекоа дека им било кусо времето.

    „Со пролонгирањето на гласањето, ВМРО-ДПМНЕ ќе има доволно време да се спремат за дискусии за замениците-министри“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК пратеници од мнозинството.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира