НЕВЛАДИНИТЕ ПОБАРАА ПОМОШ ОД ТАРАВАРИ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТВОРАТ СЕРВИСИТЕ ЗА ЛИЦАТА СО ХИВ

    НЕВЛАДИНИТЕ ПОБАРАА ПОМОШ ОД ТАРАВАРИ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТВОРАТ СЕРВИСИТЕ ЗА ЛИЦАТА СО ХИВМинистерот за здравство Арбен Таравари на денешната средба со претставниците на невладините организации ХЕРА, ХОПС и Заедно посилни. (Фото: Министерство за здравство)

    Итно да се најде решение за да не се затворат од први следниот месец сервисите за поддршка на сексуалните работници, лицата што инјектираат дроги, лицата што живеат со ХИВ и останатите маргинализирани заедници. Ова на денешната средба со министерот за здравство Арбен Таравари му ги пренеле претставниците на здруженијата ХЕРА, ХОПС и Заедно посилни.

    Тие за овој проблем алармираат од лани ова време, бидејќи овие сервиси, за поддршка кои ги водат 15 невладини организации во 14 града во земјава, веќе нема да добиваат финансиска поддршка од Глобалниот фонд. Македонија уште лани ги исполни условите Глобалниот фонд да се повлече од земјава, а грижата за сервисите, меѓу кои и комбето за бесплатен и анонимен ХИВ тест, гинеколошките ординации, бесплатната правна и социјална помош, бесплатни кондоми и чист прибор за инјектирање дроги, од оваа година требаше да ја преземе државата. Но, место државата да го преземе финансирањето на овие сервиси, во буџетот за оваа година во превентивните програми на Министерството за здравство, беа скусени и средствата за превенција.

    „Му го претставивме проблемот на министерот, дека до крајот на овој месец имаме средства од Глобалниот фонд, и дека по заминување на Глобалниот фонд од земјава, која е со ниска преваленца на инфицирани со ХИВ, грижата околу сервисите треба да ја преземе државата. Разговаравме за тоа што треба итно да се направи за да не се стави клуч на овие сервиси, и како долгорочно во иднина да се обезбеди стабилно финансирање. Министерот рече дека ќе се заложи да се најде решение за да не престанат со работа сервисите, а поконкретни решенија очекуваме наредните денови“, рече Елизабета Божиноска, од ХЕРА.

    Министерот Таравари изјави дека со претставниците на здруженијата ХЕРА, ХОПС и Заедно посилни, разговарал за повеќе аспекти на здравствената заштита, кои ги засегаат овие ранливи групи. На состанокот било договорен да се формира работна група, која ќе работи на на решавање на проблемот, а во неа да учествуваат и претсавници од невладните организации. „Разговаравме како да се изнајдат системски решенија, за да ја задржиме лидерската позиција на Македонија во регионот во превенција од ХИВ и туберкулоза, а со тоа и да ја задржиме најниската стапка на овие заболувања во регионот“, рече Таравари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира