БАКРАЧЕСКИ МОРА ДА ЈА СОПРЕ ГРАДБАТА НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРАТ

БАКРАЧЕСКИ МОРА ДА ЈА СОПРЕ ГРАДБАТА НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРАТОд минатата недела хотелот во Лагадин пак се гради, а Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам вели дека инвеститорот во моментов нема никакво одобрение за градба (Фото: СДК.МК)

Градењето на нелегалниот хотел во Лагадин мора да сопре, утврди Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Директорката Марина Наќева-Кавракова вели дека инвеститорот во моментов нема никакво одобрение за градба откако градоначалникот го поништи веќе издаденото, во март годинава.

„Градоначалникот му го поништи одобрението за градење на инвеститорот но тој се жалеше и Второстепената комисија ја уважи неговата жалба, но тоа не значи дека тој може да продолжи со градење. Одлуката на Второстепената комисија сѐ уште не е правосилна за да може да се повика на неа за градењето. Во моментов не е дозволено да има градежни активности на градилиштето. Ние сме во контакт со градоначалникот и добивме уверување дека овластен градежен инспектор ќе излезе на терен и ќе ја стопира градбата која е во целосна надлежност на Општина Охрид како објект од втора категорија“, вели директорката Наќева-Кавракова.

Градоначалникот Никола Бакрачески има помалку од десет дена за да се жали на одлуката на Второстепената комисија. Рокот од еден месец за жалба истекува на 30 јуни. По овој рок, одлуката на Второстепената комисија станува правосилна, но тоа повторно не значи дека изградбата на хотелот треба веднаш да продолжи. За нови градежни активности на објектот градоначалникот на инвеститорот треба да му издаде ново одобрение за градење, доколку не одлучи да се жали на одлуката на Второстепената комисија (Фото: СДК.МК)

Општинскиот градежен инспектор треба да направи нов записник и да донесе решение за запирање на градбата.

По одлуката на Второстепената комисија, судбината на хотелот повторно е во рацете на Општина Охрид.

„Градоначалникот сега има две опции. Едната е да се жали на Управен суд на одлуката на Второстепената комисија, а другата е да постапи по одлуката на Второстепената комисија и да му издаде ново одобрение за градење согласно препораката. За која можност ќе се одлучи, зависи исклучиво од градоначалникот“, објасни директорката Наќева-Кавракова.

Градоначалникот има помалку од десет дена за да се жали на одлуката на Второстепената комисија. Рокот од еден  месец  за жалба истекува на 30 јуни. По овој рок, одлуката на Второстепената комисија станува правосилна, но тоа повторно не значи дека изградбата на хотелот треба веднаш да продолжи. За нови градежни активности  на објектот градоначалникот на инвеститорот треба да му издаде ново одобрение за градење, доколку не одлучи да се жали на одлуката на Второстепената комисија.

Општина Охрид ги извести соседите на хотелот дека во тек е обработка на предметот за хотелот, се постапува во целост по насоките дадени од Второстепената комисија и наскоро се очекува да биде донесена соодветна правна одлука.

Во исчекување на одлуката од градоначалникот Никола Бакрачески, активистите на граѓанската  иницијатива „Охрид СОС“  и сопствениците на куќи и викендички во Лагадин потсетуваат дека оваа градба прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија, а за тоа се известени сите надлежни институции. Тие укажуваа на прекршувањата уште кога градбата беше на ниво на темели, на крајот на минатата година. Додека траеше нивната битка со институциите, инвеститорот изгради четири ката од објектот, а престана со градење дури откако му беше поништено одобрението за градење. Од минатата недела на градилиштето повторно има работници иако нема ново одобрение за градење.

Активистите на „Охрид СОС“ очекуваат Општина Охрид при носење на одлуката да го почитува ставот на Инспекторатот за животна средина од каде потврдија дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

Д. ЧУБРИЌ

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира