БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ БАРА ПОМОШ ОД ТАРАВАРИ ОТИ ПОЛА ГОДИНА СЕ ЗАТВОРЕНИ ЧЕТИРИ ХИРУРШКИ САЛИ

    БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ БАРА ПОМОШ ОД ТАРАВАРИ ОТИ ПОЛА ГОДИНА СЕ ЗАТВОРЕНИ ЧЕТИРИ ХИРУРШКИ САЛИКлуч на врата на салите и одделенијата беше ставен лани во декември, бидејќи болницата не можеше да го реализира огласот за вработување на 60 медицински сестри. - Болницата „8 Септември“ (Фото: СДК.МК)

    Четири хируршки сали и три одделенија во градската општа болница „8 Септември“ пола година се затворени, бидејќи болницата има недостиг од медицински сестри. Помош да се надмине проблемот, директорот на „8 Септември“ д-р Сашо Стојчев вчера побарал од министерот за здравство Арбен Таравари, на кој му ја објаснил состојбата со недостиг од средно медицински кадар.

    „За жал, се уште од седум хируршки сали, колку што има во болницата, работат само три, а воопшто не работат инфективното одделение, едно интерно и едно хируршко одделение. Последните неколку години останавме без средно медицински персонал, оти голем број од нив се пензионираа, а голем број отидоа да работат или во приватен сектор или во странство“, рече д-р Стојчев.

    Клуч на врата на салите и одделенијата беше ставен лани во декември, бидејќи болницата не можеше да го реализира огласот за вработување на 60 медицински сестри, на кој се пријавиле 193 кандидатки, а 126 од нив ги исполниле критериумите за вработување.

    Сепак сестри не беа вработени, бидејќи „8 Септември“ навреме не ги доби потребните тестови шаблони за оценка на кандидатите. Овие шаблони требаше да ги достави Министерството за здравство, бидејќи според законските одредби медицинските сестри треба да полагаат тест за стручно знаење. На крајот на минатата година истече и финансиската согласност што ГОБ „8 Септември“ ја доби од Министерството за финансии за нови вработувања.

    „Го замолив министерот ако може да се заложи да добиеме нова финансиска согласност за вработување на медицински сестри и ако е можно да не распишуваме нов оглас, бидејќи на претходниот 120 кандидати ги исполнија критериумите од нив да повикаме дали ќе сакаат да работат. Ако не може по постоечкиот оглас ќе распишеме и нов, но некако да тргне работата, оти најголем недостиг има од сестри инструментарки и сестри за анестезија, без кои не може да се прават операции. Тој вети дека ќе стори се што е во негова моќ да помогне да се реши проблемот“, рече д-р Стојчев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира