КРУШЕВО ПАК ОСТАНА БЕЗ ВОДА

    КРУШЕВО ПАК ОСТАНА БЕЗ ВОДАПроблемот е особено изразен во високите зони од градот, каде нема вода од 18 до 6 часот, а не се исклучени рестрикции ни преку ден (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Крушево се жалат дека една недела нема доволно вода во системот. Проблемот е особено изразен во високите зони од градот. Овде жителите немаат вода од 18 до 6 часот, а не се исклучени рестрикции ни преку ден.

    „Во текот на деноноќието по два пати нема вода. Жешко е нели, а ние сме без вода за пиење, овој пат неколку дена, но проблемот трае со години. Опасноста од инфекции е голема, тешко се одржува хигиената во домот. Многу граѓани реагираа во локалното претпријатие, но ништо конкретно не е преземено“, вели крушевчанката Наташа Куртеска.

    „Недостигот од вода не само што се рефлектира врз нашиот живот, туку и врз крушевскиот туризам, бидејќи во моментов во градот престојуваат параглајдеристи. Како без вода ние ќе развиваме туризам?“, вели Перо Нака, жител на Крушево.

    Но, од ЈКП „Комуна“ гаранатираат дека викендов проблемот ќе биде решен.

    „Од ноќеска почнавме да го переме системот и од денеска ќе почнеме да пумпаме вода од ‘Студенчица’, така што недостиг на вода во градот нема да има. Граѓаните не беа трпеливи за 4 дена. Просечно, потребите на градот се околу 24 литри вода во секунда, сега ќе бидат задоволени“, вели Велко Крстески, директор на ЈКП „Комуна“ од Крушево.

    Според градоначалникот, за да се реши овој децениски проблем, континуирано се преземаат мерки.

    „Четири до пет литри вода, нови количества обезбедивме преку извори од Бушова планина, и за да ги ставиме во функција изградивме цевковод во должина од 9 километри. А реконструиравме во должина од 1.2 км и дел од секундарната водоводна мрежа во градот, за да се намалат загубите на вода во системот. Потребните 70 илјади евра за оваа инвестиција се обезбедени од Европската инвестициона банка“, вели градоначалникот Ѓорѓи Дамчески, најбројувајќи и низа други реализирани мерки.

    Но, конечно проблемот ќе се реши, ако се обезбедат дополнителни 5 литри вода во секунда. Решението, според стручњаците, е во нови извори во Бушова планина во поречкиот регион, за што се потребни долзволи и соработка со Министерството за животна средина.

    М. ТАЛЕСКA

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира