ПОРАДИ ГРЕШКИТЕ, ГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ПОСКАПЕ ЗА 120 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИ

    ПОРАДИ ГРЕШКИТЕ, ГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ПОСКАПЕ ЗА 120 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИМинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески од Извор, Кичевско ги презентираше првичните резултати од анализата на состојбите и проблемите со изградбата на делницата на автопатот Кичево-Охрид (Фото: Мета)

    Катастрофалните грешки и пропусти при изградбата на автопатот Кичево – Охрид предизвикуваат дополнителен трошок од 120 милиони евра пари на граѓаните, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, од местото Извор, кичевско, каде ги презентираше првичните резултати од анализата на состојбите и проблемите со изградбата на делницата.

    „Поради лошото планирање и лошата изведба, еден од најголемите проблем кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата. Оваа појава е најдрастична на патот Кичево – Пресека, односно од 12-от до 18-от километар. Причина за ова е изборот на несоодветна траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот. Не се направени или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето. Заради овие причини, работите се прекинати цели 13 месеци – рече Сугарески, потсетувајќи дека пред три дена Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение кои се однесува на изградбата на овој автопат.

    Министерот како пример го посочи тунелот во близина на местото Извор, кој според првичниот проект чинел околу 30 милиони евра, но поради недоволни геотехнички анализи, во фазата на изведба била извршена промена на заштитната облога на тунелот со што сумата за него пораснала на 88.930.000 евра, односно повеќе од двојно. Поради недостатоци на проектот дополнително е проектиран уште еден тунел со должина од 350 метри, додаде Сугарески.

    Тој рече дека Владата во изминатите 30 дена вршела анализи на актуелната состојба и работи на изнаоѓање на решенија. Како што истакна Сугарески се планира дислокација на електроенергетските и телекомуникациските линии и решавање на имотно правните работи, како предуслов за изработка на реално остварлива програма за работа.

    „Состојбата со овој автопат е типичен пример за начинот на кој функционирала владата на Никола Груевски. Тоа се проекти кои започнуваат со една проектирана цена, а завршуваат со низа анекси кои значително ја зголемуваат цената, а резултираат со катастрофални грешки во изведбата и ненаменско трошење на парите на граѓаните. За овој катастрофален зафат треба да се понесе одговорност“, изјави министерот Сугарески.

    Владата на Никола Груевски најави дека автопатот Кичево – Охрид ќе чини 374 милиони евра. Во меѓувреме, автопатиштата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип поскапеа бидејќи договорот со Кинезите беше потпишан во долари. Поради курсни разлики државата треба на кинеската банка да ѝплати 17 милиони евра повеќе.

    Груевски е првоосомничен во случајот на СЈО „Траекторија“ за злоупотреба на службената положба, односно за местење на тендер за избор на фирма изведувач на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Според СЈО, Груевски заедно со екс министерот Миле Јанакиески, вицепремиерот Владимир Пешевски, како и уште еден функционер незаконски ја избрале кинеската компанија да ги гради делниците, со што се осомничени дека го оштетиле буџетот за сума од 155 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира