Специјалниот пратеник на ОН за спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц во Скопје рече дека не треба да се очекуваат значајни промени во решавањето на спорот во следните неколку месеци.
По средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, откако пред тоа се срета со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, Нимиц изјави:
„Не разговаравме за нови предлози за името ниту, пак, дојдов со конкретен предлог. Разговаравме за самиот процес и за тоа како да се интензивира.“
На прашање дали постои одреден напредок, поместување во позициите на Грција, Нимиц рече дека потребни се конструктивност и разбирање од двете страни за решавање на проблемот, односно неопходно е страните да се сослушаат една со друга.
Посредникот во спорот за името Нимиц рече дека допрва ќе се разгледуваат ставовите на двете страни.
Тој по посетата на Скопје нема да замине за Атина бидејќи грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас имал неодложни обврски поврзани со кипарското прашање.