Основниот суд Скопје 1 го демантира Љупчо Шврговски, адвокат на обвинетиот ексдиректор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков дека тој го примил решението од Кривичниот суд за одземање на пасошот како мерка за претпазливост поради опасност од бегство, а неговиот клиент не.
„Според извршените проверки во судот, обвинетиот за кој се интересирате го има добиено решението со кое му се определуваат мерки за претпазливост, и течат рокови во кои може да поднесе жалба“, е официјалниот одговор од Основниот суд Скопје 1 во врска со тврдењето на Шврговски во медиумите.
Мијалков го оставил пасошот уште претходно и тој се наоѓа во судот.
Кривичниот суд одговара и на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дека од сите обвинети кои добија мерки од кривичниот совет, само уште 14 не ги примиле решенијата. Сите што ги примиле одлуките од кривичниот совет, ги доставиле патните исправи во судот.
„Сите обвинети, освен 14 од нив, кои не се од Скопје, ги имаат добиоено решенијата, ги имаат доставено патните исправи до судот и се јавуваат согласно определената мерка. Во однос на оние кои имаат поднесено жалба на решението, жалбите се доставени на одговор кај спротиставената странка согласно одредбите до ЗКП и течат рокови за одговор по што жалбите со комплетираните предмети ќе бидат доставени на
надлежно постапување во Апелациониот суд“, објаснува Основниот суд Скопје 1.
За тие 14 обвинети кои не се од Скопје, доставено е известување и тече рок во кој самите треба да се јават во судот согласно одредбите за доставување на писмена од ЗКП, се вели во одговорот до нашата редакција.
С. К. ДЕЛЕВСКА