Лидерите на најголемите економски сили во светот денес ја завршуваат потрагата по заедничка основа за трговијата, климатските промени и мноштво други прашања на Самитот на Групата 20 од Хамбург, на состанокот во сенка на насилните судири меѓу активистите за борба против глобализацијата и полицијата. На агендата за денес се дискусии за партнерствата помеѓу Г-20 и Африка, за миграцијата и здравјето, како и за дигитализацијата, поддршка за жените и невработеноста.
Клучниот фокус е на тоа какви формулации ќе најдат лидерите на Г-20 за своите ставови за глобалната трговија и климатските промени. Домаќинката, германската канцеларка Ангела Меркел, по првиот ден од состаноците во петокот рече дека разговорите за трговија се многу тешки и дека има очигледни разлики за климатските промени.
Наоѓањето компромиси е предизвик во време кога реториката „Прво Америка“ и одлуката на претседателот Трамп минатиот месец да се повлече од Парискиот договор за климатските промени предизвикаа голема загриженост. Германија е подготвена да ја зачува традицијата на донесување одлуки на Г-20 со консензус.
Г-20 се состои од Аргентина, Австралија, Бразил, Кина, Германија, Франција, Велика Британија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Канада, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Турција, САД и Европската унија .
Исто така присуствуваат и Холандија, Норвешка, Шпанија, Гвинеја, Сенегал, Сингапур и Виетнам.
Сесиите денеска доаѓаат по втората ноќ на проблеми на други места во Хамбург, бидејќи демонстрантите поставија улични барикади, ограбуваа супермаркети и напаѓааполиција со огнени бомби. Стотици полицајци влегоа во зградите во населбата Шанвенвиертел за да ги уапсат прекршителите.