Само еден кавадарчанец аплицирал во Oпштина Кавадарци за субвенција при промена на системот за загревање на казанот за печење на ракија, со цел во иднина наместо дрва да користи плин заради намалување на загаденоста, потврди кавадаречкиот градоначалник Александар Панов. Врз основа на Одлуката за надоместување на трошоци на граѓаните на територијата на Општина Кавадарци за набавка на горилник на плин за печење на ракија од буџетот на Општината за 2017, локалната самоуправа на почетокот на февруари објави јавен повик на кој можат да се пријават сите заинтересирани за субвенционирање.
„Општина Кавадарци, заради стимулирање на граѓаните за користење на обновливи извори на енергија кои минимално го загадуваат воздухот и не влијаат на климатските промени, ќе им обезбеди поврат на дел од потрошените средства за набавка на горилник на плин за печење на ракија”, стои меѓу другото во јавниот повик.
Субвенционирањето важи за сите оние кои ќе го сменат системот за греење на казаните и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок, сѐ до исцрпувањето на буџетот за таа намена, кој изнесува шестотини илјади денари. Ќе се надоместуваат од пет до десет илјади денари, во зависност од уредот кој ќе се набави. За спроведување на постапката, ќе се грижи комисија формирана од градоначалникот Александар Панов.
„Намерно го оставивме отворен повикот, имајќи го во предвид менталитетот на нашите граѓани. Тековно ќе одлучуваме за секоја апликација, најчесто позитивно. Ќе оставиме простор преку цела година да имаме што е можно повеќе апликанти и да го исцрпиме буџетот. Сѐ уште го немаме ниту начнато буџетот”, вели Панов.
Изненадува слабиот интерес за субвенција, со оглед на фактот дека Кавадарци е на врвот по загаден воздух во државата, а како една од причините за загадувањето, меѓу другото се споменува и варењето ракија на дрва во најлозарскиот дел на Македонија. Загадувањето во Кавадарци е најголемо во ноември и декември, кога и се пече најмногу ракија.
Стручните лица велат дека не би требало да има промена на квалитетот ако ракијата се пече на плин наместо на дрва. Но, производители на ракија велат дека не се пријавуваат за субвенција оти стравуваат да не бидат регистрирани како производители, па потоа да им се бара данок и други давачки. Законот дозволува производство на 25 литри ракија годишно за сопствена употреба, а не за продажба.
Сепак, јавна тајна е дека цвета дивата продажба и тоа не само на пазарите туку и по рестораните, дури и оние реномираните, кои купуваат домашна ракија, а инспекциите се ретки.
На прашањето дали со одлуката за субвенција ќе се стимулира нелегалното производство на ракија, од Општина Кавадарци тврдат дека идејата за вакво нешто била само од еколошка природа, да се намали загадувањето преку стопирање на употреба на пластика, прегорено масло и други несоодветни горива кои се користат при печење ракија.
„Законот дозволува печење на одредени количини на ракија за сопствени потреби. Оттаму, одговорноста околу тоа колкави количини на ракија ќе се испечат, останува на самите кавадарчани”, вели Службата за информирање при Општина Кавадарци.
С. ДАРУДОВА