И ПО ТРИ ГОДИНИ НЕМА СПОМЕНИК ЗА ЗАГИНАТИТЕ ПИЛОТИ ВО ХЕЛИКОПТЕРСКАТА НЕСРЕЌА ВО СТРУМИЦА

    И ПО ТРИ ГОДИНИ НЕМА СПОМЕНИК ЗА ЗАГИНАТИТЕ ПИЛОТИ ВО ХЕЛИКОПТЕРСКАТА НЕСРЕЌА ВО СТРУМИЦАСкулпторот Горан Ѓорев лани ја заврши скулптурата спомен обележје за загинатите пилоти од хеликоптерската несреќа пред 3 години во Струмица (Фото: СДК.МК)

    Општина Струмица сè уште нема подигнато спомен обележје во чест на четворицата пилоти, кои пред три години на 10 јули загинаа во хеликоптерската несреќа во зона Север кај кванташкиот пазар. Идејното решение за спомен обележјето за пилотите Драги Мицев, Иљо Лопатички, Марјан Трајковиќ и Тоде Орешков беше изработено лани, на меѓународната Струмичка ликовна колонија од скулпторот Горан Ѓорев. Станува збор за човек ангел кој излегува од камен, а во раце држи скршена перка.

    Комисијата за избор на спомен обележје лани одговори дека идјеното решение било прифатливо за најблиските на загинатите пилоти на МВР. Од Општината велат дека месецов ќе биде распишан тендер за изработка на споменикот, кој треба да биде висок 1,8 метри.

    „Поради изборите на 11 декември, 2016 и немањето Влада не бевме во можност да распишеме тендер за изработка на  споменикот согласно идејното решение. Сето тоа ја раздолжи постапката за изработка на обележјето за кој одлука има донесено и Советот на Општината. Овие денови од наша страна ќе биде распишан тендерот“, велат од Општина Струмица на прашањето зошто уште не е изработен споменикот за загинатите пилоти.

    Општина Струмица две години се мачеше да го избере најдоброто можно решение за спомен обележје за загинатите пилоти. Поради понудени лоши идејни решенија два конкурса беа поништени, за да на крај се одлучи тоа да биде изработено на меѓународната Струмичка ликовна колонија.

    Денес се навршуваат три години од хеликоптерската несреќа во Струмица. Четврицата пилоти на 10 јули, 2014 беа на тренажен ноќен лет со хеликоптерМИ17 на МВР. Удрија во антенски столб на Македонската радиодифузија висок 120 метри и од експлозијата сите пилоти починаа на лице место.

    Јавното обвинителство соопшти дека за три лица е отворена истрага под сомнение дека имаат одговорност за несреќата во Струмица. Не конкретизира кои се три лица и од кои институции доаѓаат. Велат дека истрагата ќе продолжи, а ќе бидат сослушани и осомничените лица.

    „Бројните прибрани докази и извршени анализи до овој момент, укажуваат на основано сомнение дека трите лица извршиле кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Надлежниот јавен обвинител и во текот на истрагата ќе продолжи да прибира податоци и докази, како и да сослушува сведоци кои ќе помогнат за целосно расветлување на случаjот. Ќе бидат сослушани и осомничените лица“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

    Очевидци тогаш тврдеа дека хеликотперот летал неконтролирано, ниско со невообичаен звука и не бил осветлен, како што не бил осветлен ниту антенскиот столб на ЈП Македонска радиодифузија.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира