Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност и раководителот на Оперативниот штаб на МВР, за време на организираниот напад на Собранието на 27 април додека траеле насилствата бил на само стотина метри од Собранието, објави ТВ Телма повикувајќи се на неименувани полициски извори.
Според извори на истрагата, сигналот на мобилниот телефон на Чавков бил фатен на три базни станици и тоа на седиштето на ВМРО, Алмако и Италијанската амбасада, во триаголникот во најстрогиот центар на Скопје. Чавков бил во овој дел од градот до 20 часот, а потоа заминал во оперативниот штаб за протестите кој се наоѓал во кругот на МВР. Чавков одбил да даде исказ пред работната група во МВР, а на распит сѐ уште не е повикан ниту во обвинителството на Марко Зврлевски.
На 28 април, тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу рече дека за време на нападот на Собранието Чавков два часа не му бил достапен на телефон и дека е директно одговорен за насилството.
„Од ескалацијата сè до 20 часот, раководителот на оперативниот штаб Чавков не беше достапен за мене, иако го барав и телефонски и лично“, рече Нухиу.
Од друга страна пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на денот на нападот на 27 април беше во Виена, на 28 април во интервју на Топ тема во Телма изјави дека за цело време на насилствата бил во телефонски контакт со Чавков.
„Ми кажаа дека веќе има некаков пренос и сакав да видам што е тоа. Прво погледнав преку интернет да видам за што станува збор, за што ме извадија од состанок. Откако добро видов, почнав да вртам телефони кај сите мои соработници. Меѓу другите, го побарав и Чавков да го прашам што се случува. Ми објасни што се случува и она што јас го кажав е дека полицијата треба професионално да постапи и да ги одбрани животите на сите таму“, кажа Груевски. Тука водителот Александар Чомовски го прекина и го праша: „Вам ви дигна телефон, а на Нухиу не?“
„Не знам во кое време му вртел Нухиу, а во кое време јас“, одговори Груевски.